Локалните организации ја претставија својата работа пред битолчани

Битола се поврзува: Локалните организации ги претставија можностите за активно учество

На едно место денес се собраа локални граѓански организации од Битола, кои преку своите активности, проекти и иницијативи ги претставија можностите за вклучување на граѓаните, особено на младите, во животот на локалната заедница.

Саемот „Битола се поврзува“ беше можност граѓаните да се запознаат со работата на локалните организации, да откријат можности за волонтирање и учество и да најдат начин активно да придонесат во заедницата.

„Од работа со млади, култура и образование, до животна средина и социјални иницијативи – Битола се поврзува ти дава шанса подобро да ги запознаеш организациите што секојдневно придонесуваат за заедницата“, посочија организаторите, Младински центар Битола и Општина Битола.

Целта на настанот е да се зголеми видливоста на граѓанските организации, нивната работа да се доближи до граѓаните и да се создаде простор за директна комуникација меѓу организациите, младите и пошироката локална заедница.

На отворањето, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека граѓанските организации имаат значајна улога во локалниот развој. Според него, преку својата работа тие придонесуваат во повеќе области, меѓу кои младинското учество, образованието, културата, спортот, животната средина, волонтерството, социјалната инклузија, човековите права, демократијата и развојот на заедницата.

Посебен акцент на настанот беше ставен на младите, кои преку ваквите активности можат да се информираат за можностите за волонтирање, неформално образование, локални и меѓународни проекти, како и за развој на нови знаења и вештини.

„Настанот истовремено претставува можност и за подобро вмрежување меѓу самите организации. Нивното меѓусебно поврзување може да придонесе кон создавање нови партнерства, заеднички иницијативи и поефикасен одговор на потребите на локалната заедница“, истакна Коњановски.

Од Општина Битола посочуваат дека соработката со граѓанскиот сектор е значајна за создавање отворена, активна и инклузивна локална заедница. Граѓанските организации, како што беше истакнато, се важен партнер во препознавањето на потребите на граѓаните, развивањето нови идеи и реализацијата на активности од јавен интерес.

Значајна улога во овој процес има и Младинскиот центар Битола, кој претставува простор за поврзување на младите, институциите и граѓанските организации. Преку организирањето на вакви активности, Центарот придонесува за поголема информираност, младинско учество и создавање нови можности за активно вклучување во локалната заедница.

На саемот својата работа ја претставија Сфера Интернешнал, ЗУР Македонски ракотворби, Геосфера, Невроразлични, Про Локал, Сумнал, Имка, МКЦ, Скаут Пелистер, Сè за храна, Фит концепт, Порака Нова и ГЕТ Иновација.

Преку ваквите настани, организаторите имаат цел да поттикнат поголема соработка меѓу граѓанскиот сектор и локалната заедница и да им овозможат на граѓаните, особено на младите, полесно да се информираат и да се вклучат во иницијативи што придонесуваат за развојот на Битола.

Слични Објави