Прилеп домаќин на 14. меѓународна научна конференција посветена на дигиталната трансформација

Прилеп повторно е центар на научната и стручната мисла, како домаќин на 14. меѓународна научна конференција „Економијата, бизнисот и општеството во дигитализирана средина“, во организација на Економскиот факултет – Прилеп.

Годинашното издание на конференцијата, со учество на професори, истражувачи и експерти од повеќе европски земји, уште еднаш ја потврдува посветеноста на Економскиот факултет – Прилеп кон создавање простор за размена на научни знаења, искуства и идеи, како и отворање прашања од особено значење за иднината на економијата и општеството.

Во фокусот на овогодишната конференција е дигитализацијата – процес кој суштински го менува начинот на кој функционираат економијата, бизнисот и институциите. Дигиталната трансформација не е само технолошки процес, туку можност за создавање поефикасни системи, подобри услуги и поедноставни процедури.

За локалната самоуправа, дигитализацијата значи и создавање поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните и компаниите, поголема ефикасност во работењето и полесен пристап до институциите.

Но, зад секоја успешна технологија мора да стои знаење. Токму затоа од особена важност е поврзувањето на академскиот сектор, бизнис-заедницата и институциите. Универзитетите создаваат знаење и кадри, бизнисот ги препознава практичните потреби и предлага иновативни решенија, додека институциите треба да создадат услови знаењето и идеите да се претворат во конкретни резултати.

Општина Прилеп ја препознава важноста на ваквата соработка и е насочена кон градење цврсти врски со образовните институции, бизнис-секторот и младите. Целта е знаењето да не остане само во научните трудови и академските дискусии, туку да најде практична примена во локалната економија, јавниот сектор и во решавањето на конкретните предизвици со кои се соочува градот.

Особено значајно е што конференцијата ги поврзува учесниците од Македонија, Полска, Хрватска, Грција, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија, Косово и Турција. Ваквиот меѓународен карактер претставува можност за размена на искуства, воспоставување нови контакти и иницирање идни соработки, но и можност Прилеп да ги претстави своите потенцијали, искуства и развојни перспективи.

Во услови кога дигиталната трансформација станува дел од секојдневното функционирање на современото општество, ваквите научни собири имаат значајна улога во поврзувањето на теоријата и практиката и во создавањето идеи што можат да придонесат кон развојот на локалните заедници.

Слични Објави