(ВИДЕО)„Луциден сон“ со нов сингл и видеоспот – „Насока иста“
„Како се викаш? Заборави, не е важно.“ Со оваа реченица започнува „Насока иста“, најновиот сингл на македонскиот музички проект „Луциден сон“, кој заедно со песната го објави и новиот видеоспот.
Песната отвора приказна за поединецот кој постепено се соочува со свет во кој изборот станува сè помал, а правилата сè појасно наметнати. Низ текстот се повторуваат кратки повици и инструкции – „Стопи се денес“, „Дојди влези овде“, „Зарем не си со нас?“, „Застани еве овде“ – кои на почетокот звучат едноставно и речиси безопасно, но со текот на песната добиваат поинаква тежина.
Централната идеја е содржана во повторувањето на фразите „насока иста“ и „насмевка иста“, кои од рефрен постепено се претвораат во порака за униформност и губење на индивидуалноста.
Истиот мотив е пренесен и во видеоспотот. Главниот лик влегува во студен и стерилен простор во кој речиси секој негов чекор е однапред определен – од тоа каде треба да се движи и каде да застане, до начинот на кој треба да изгледа и да се насмевнува.
Особено место во визуелната приказна има трочлената стрелка. Таа најпрво се појавува како обичен патоказ, но со текот на дејството станува симбол на однапред зададената насока. Луѓето се движат и реагираат во ист ритам, седат во редови, а погледите им се насочуваат истовремено, додека главниот лик постепено се приближува кон сликата што средината веќе ја има создадено за него.
Гоце Кантар во видеоспотот не се појавува како типичен негативец. Неговиот лик функционира повеќе како глас на системот – смирен, контролиран и наизглед пријателски, што дополнително ја нагласува атмосферата на приказната.
Видеоспотот комбинира реално снимени кадри со дигитално изградени сцени и визуелни елементи креирани и обработени со помош на вештачка интелигенција. АИ технологијата не е главната тема на проектот, туку е искористена како алатка за создавање специфичен визуелен свет – намерно стерилен, симетричен и речиси неприродно уреден.
Музички, „Насока иста“ носи темна и хипнотичка атмосфера, со длабоки вокали и постепено градење на напнатоста, која кулминира во катарзична завршница со подисторзирани гитарски делници.
Музиката и текстот се на Костадин Стојаноски, главниот вокал го интерпретира Гоце Кантар, додека гитарите и придружните вокали се на Стојаноски. Визуелниот концепт и реализацијата на видеоспотот се дело на Костадин Стојаноски. Програмирањето, аранжманот и миксот се реализирани преку заедничката работа во рамките на проектот.
Со „Насока иста“, „Луциден сон“ продолжува да гради препознатлив музички и визуелен израз во кој звукот и сликата се надополнуваат, отворајќи простор за интерпретација на теми поврзани со индивидуалноста, припадноста и притисокот за усогласување.
Песната „Насока иста“ и видеоспотот се достапни на YouTube и на дигиталните музички платформи.


