|

Прилепските бакали го прославија својот патрон – Светите Три Светители

Прилепските бакали денеска го одбележаа својот патрон празник – Светите Три Светители: Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов, во народот познат и како Ден на бакалите.

По тој повод, во храмот „Св. Благовештение“ беше отслужена свечена света архијерејска литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, во сослужение со Епископот Хераклејски г. Климент и Епископот Велички г. Никола.

Со векови наназад, прилепската чаршија и дуќаните претставуваат срце на градот – место на средби, доверба и заедништво. Токму затоа празникот на бакалите не е само верски, туку и длабоко вкоренет во културната и општествената традиција на Прилеп.

Традицијата на организирано чествување на овој ден во Прилеп се негува од 1954 година и претставува симбол на трудољубивоста, чесноста и меѓусебната почит што ја карактеризира прилепскиот еснаф.

Денот на бакалите уште еднаш ја потврди важноста на малите семејни дуќани и локалната трговија како носители на духот и идентитетот на градот.

Нека е за многу години!

Слични Објави