Септемвриската пензија ќе биде повисока за 3% – кој ќе добие 600, а кој повеќе? Еве колку ќе добијат пензионерите
Септемвриското усогласување на пензиите во 2026 година се очекува да изнесува околу 3 отсто, според досегашните податоци за растот на просечната плата и трошоците на живот објавени од Државниот завод за статистика. Со тоа, по периодот на линеарни зголемувања, повторно се враќа процентуалниот модел, што значи дека повисоките пензии ќе добијат и поголемо зголемување изразено во денари.
Пензиите на над 350 илјади пензионери следниот месец ќе бидат зголемени за околу 3 отсто со септемвриското услогласување.
Точните пресметки во моментов ги прави Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а од управата најавиле дека точниот процент ќе се знае до крајот на следната недела.
Согласно методологијата предвидена во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, пензиите се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. При пресметката подеднакво се земаат предвид растот на просечната исплатена плата и растот на трошоците на живот.
Со објавувањето на податоците за јуни практично се затвора периодот потребен за пресметката на септемвриското усогласување. Просечната нето-плата во јуни изнесувала 48.381 денар, што претставува раст од 6,4 отсто во однос на истиот месец минатата година.
Според досегашните пресметки, просечната нето-плата во периодот јануари–јуни 2026 година изнесува околу 47.986 денари. Во второто полугодие од 2025 година просекот бил околу 45.808 денари, што значи раст од приближно 4,75 отсто.
Вториот параметар во формулата е движењето на трошоците на живот. Во првите шест месеци од годинава тие се повисоки за околу 1,17 отсто во однос на просекот во второто полугодие од 2025 година.
Според законската формула, половина од растот на платите и половина од растот на трошоците на живот влегуваат во конечната пресметка. Така, растот на платите придонесува со околу 2,38 процентни поени, додека трошоците на живот додаваат уште околу 0,58 процентни поени. Вкупно, усогласувањето би изнесувало приближно 2,96 отсто.
Доколку оваа стапка биде официјално потврдена, пензија од 20.000 денари би се зголемила за околу 592 денари и би достигнала 20.592 денари. Кај пензија од 25.000 денари, зголемувањето би било околу 740 денари, додека пензија од 30.000 денари би пораснала за околу 888 денари.
За пензија од 40.000 денари зголемувањето би изнесувало околу 1.184 денари, а пензија од 50.000 денари би била повисока за околу 1.480 денари.
Доколку конечната стапка биде заокружена на 3 отсто, тогаш зголемувањето би изнесувало 600 денари за пензија од 20.000 денари, 750 денари за 25.000 денари, 900 денари за 30.000 денари, 1.200 денари за 40.000 денари и 1.500 денари за пензија од 50.000 денари.
Според податоците на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за јуни, во земјава имало 350.671 корисник на пензија, додека просечната пензија изнесувала 28.103 денари. При усогласување од 2,96 отсто, просечната пензија би се зголемила за околу 832 денари, односно би достигнала приближно 28.935 денари.
Со враќањето на процентуалното усогласување се менува и начинот на распределба на зголемувањето. За разлика од линеарниот модел, при кој сите пензионери добиваа ист износ, процентуалното усогласување се пресметува врз постојниот износ на пензијата. Оттука, секој процент носи повеќе денари за оние со повисоки пензии.
Конечната стапка, сепак, допрва треба официјално да биде утврдена и објавена од надлежните институции. Поради официјалниот начин на пресметка и заокружувањето, можно е конечниот процент да има мала разлика од првичните пресметки.
Доколку сегашната пресметка се потврди, септемвриското усогласување ќе биде првото по подолг период во кое пензиите повторно ќе растат процентуално, следејќи ги движењата на платите и трошоците на живот.


