По седум дена Изгаснат е големиот пожар во Мариово

По седум дена борба: Изгаснат е големиот пожар во, состојбата е под целосна контрола

По седум дена непрекината и исцрпувачка борба со огнената стихија, огромни напори и надчовечка пожртвуваност на сите екипи на терен, пожарот што го зафати регионот на Мариово е целосно изгаснат. Со брза и координативна акција е локализиран и пожарот што се прошири на потегот од селото Мажучиште кон Мало и Големо Коњари и Широк пат Варош, а во текот на денешниот ден е неутрализиран и последниот крак кај селото Бонче, со што состојбата на целата територија е ставена под целосна контрола.

Во оваа долга и тешка битка беа мобилизирани сите расположливи ресурси: припадници на Територијалната противпожарна единица од Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата, ЈП „Национални шуми“, МВР, како и противпожарните единици од Скопје и Кавадарци. Голем придонес дадоа и градоначалниците Орце Ѓорѓиевски и Митко Јанчев, доброволните противпожарни друштва од Битола, Кочани, Кавадарци и Виница, Универзалниот тим од Општинскиот штаб за заштита и спасување, локалното население од Чаниште, Крушевица, Мажучиште, Мало и Големо Коњари, како и бројни општествено одговорни компании и земјоделци со своја механизација.

По повод успешното справување со огнот, со официјална изјава и благодарност до сите учесници во акцијата се обрати градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски:

Изјава на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски:

„Конечно можеме да здивнеме и да кажеме дека пожарот во Мариово е целосно изгаснат. Ова беше една од најтешките и најдолгите битки со огнената стихија во нашиот регион, но покажавме дека кога сме обединети, солидарни и посветени, можеме да се справиме и со најголемите предизвици.

Упатувам огромна благодарност и длабока почит до сите противпожарни екипи, армијата, полицијата, доброволните друштва, општествено одговорните компании и пред сè — до сите храбри граѓани и мештани кои несебично и во исклучително тешки услови помогнаа во спасувањето на луѓето, имотите и природата.

Но, по сè што преживеавме изминатава недела, упатувам сериозен апел до сите граѓани за максимална внимателност и одговорност. Една искра или едно невнимание може за неколку минути да предизвика катастрофа со несогледливи последици. Да бидеме совесни и да не дозволиме ваква состојба никогаш повеќе да се повтори.“

Слични Објави