25 години од Карпалак – споменот за десетте прилепски бранители не избледува
Денеска се навршуваат 25 години од трагичниот настан кај Карпалак, кога во напад врз воен конвој загинаа десет припадници на резервниот состав на Армијата, од прилепската касарна „Мирче Ацев“. Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски на 8 август 2001 година го загубија животот за време на вооружениот конфликт во земјата.
За Прилеп, 8 август останува еден од најтешките датуми во поновата историја. Четврт век подоцна, споменот за загинатите бранители и понатаму се одржува преку комеморативни активности на повеќе места во градот и на местото на трагичниот настан.
Годишното одбележување започнува во пресрет на годишнината, со чествување во кругот на касарната „Мирче Ацев“, каде што се оддава почит на загинатите, а активностите продолжуваат кај спомен-обележјето во близина на манастирот „Лениште“. На 8 август, делегации и граѓани положуваат цвеќе и на месноста Карпалак и пред споменикот во центарот на Прилеп.
За преживеаните од нападот, овој датум и по 25 години носи тешки спомени. Тие се присетуваат на утрото кога конвојот тргнал од Прилеп кон Тетово и на моментите кога, при минувањето низ Карпалак, бил нападнат. Според нивните сведоштва, во краток период дошло до експлозии и хаос, а војниците се обидувале да се заштитат и да го напуштат местото.
„Годините минаа, но сеќавањата останаа. Секое утро на 8 август повторно се враќаат сликите од тој ден. Тешко е, но човек мора да научи да живее со болката“, вели еден од преживеаните.
Неговите соборци и денес го опишуваат нападот како добро организирана заседа. За нив, најголемата тежина не е само загубата на десетте животи, туку и фактот што, како што велат, голем дел од прашањата околу трагедијата останале без одговор.
Од Здружението „Карпалак“ со години укажуваат на потребата од целосно расветлување на настаните и отворање на архивите поврзани со случајот. Преживеаните бараат да се утврдат сите околности под кои дошло до нападот и да се дознае вистината за трагедијата.
За семејствата на загинатите, времето не ја намалило болката. Во првите години по трагедијата често зборувале за своите најблиски и за загубата, но денес, по 25 години, велат дека најтешко им паѓа што сè уште немаат одговори на прашањата што ги носат со себе уште од 2001 година.
Веста за нападот кај Карпалак тогаш го затекна Прилеп. На 8 август 2001 година, градот со часови чекаше информации за состојбата на војниците и за идентитетот на загинатите. Во атмосфера на неизвесност и страв, информациите пристигнуваа бавно, а граѓаните се обидуваа да дознаат дали нивните блиски се меѓу настраданите.
„Се сеќавам дека беше многу топол ден. Веста за нападот брзо се прошири низ Прилеп, но долго време никој не знаеше кои се загинатите. Градот замолкна. Чаршијата не работеше, а луѓето беа во шок.“, се присетува граќанин.
По трагичниот настан следуваа протести и немири во Прилеп, а на 10 август градот се прости од загинатите бранители. Погребите беа извршени со воени почести, во присуство на нивните семејства, соборци, пријатели и голем број граѓани.
Во изминатите две и пол децении, Прилеп го сочува споменот за десеттемина преку повеќе спомен-обележја. Во касарната „Мирче Ацев“ е поставено спомен-обележје, дело на скулпторот Богдан Грабулоски-Бонач, а уредена е и спомен-соба. На десетгодишнината од трагичниот настан, во центарот на Прилеп беше поставен споменик во чест на загинатите.
Денес, четврт век по Карпалак, нивните имиња повторно ќе бидат изговорени во знак на почит и сеќавање. За нивните семејства и соборци, 8 август не е само годишнина, туку ден кој засекогаш останува поврзан со загубата на десет животи. За Прилеп, пак, споменот за Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце останува дел од колективната меморија на градот.


