Прилеп ги награди најуспешните ученици – над еден милион денари за поддршка на младите таленти
Во паркот кај Могилата на непобедените во Прилеп се одржа свеченост на која беа наградени најуспешните ученици од основните и средните училишта, кои освоиле награди на државни и меѓународни натпревари, како и првенците на генерациите.
Од Општина Прилеп информираа дека за оваа намена од општинскиот буџет се издвоени над еден милион денари. Според Правилникот на Општината, за освоени места на државни натпревари ќе се доделуваат парични награди во износ од 5.000, 6.000 и 7.000 денари, додека за меѓународни натпревари наградите изнесуваат 7.500, 8.000 и 9.000 денари, во зависност од освоеното место.
На настанот беше истакнато дека целта на ваквата поддршка е да се поттикне развојот на младите таленти и да се вреднува нивниот труд, знаење и успех.
Свеченоста беше проследена со музичко-забавна програма, во која настапија DJ Ангела Димеска и групата „The Doctors“. Од Општината упатија благодарност и до општествено одговорните компании кои ја поддржале организацијата на настанот.
На учениците, нивните родители, наставници и ментори им беа упатени честитки за постигнатите резултати, со порака дека локалната самоуправа ќе продолжи да инвестира во образованието и поддршката на младите.



