|

„CAR SHOW BITOLA“ оваа година, повеќе од автомобилски настан

Битола – Овогодинешното издание на манифестацијата „CAR SHOW BITOLA“ беше многу повеќе од автомобилски настан. Покрај изложбата на автомобили и богатата програма, настанот беше посветен и на подигање на свеста за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост и невроразличност.

Под мотото „Заедно за нашите деца!“, здружението „НЕВРОРАЗЛИЧНИ Битола“, заедно со уште три битолски здруженија на лица со посебни потреби, беа почесни учесници на настанот. Нивното присуство беше насочено кон промоција на инклузивноста, пристапноста и еднаквите можности за сите граѓани.

Во рамките на активностите беше реализирана интерактивната иницијатива „ИСКУСИ ПОВЕЌЕ. РАЗБЕРИ ПОВЕЌЕ.“, преку која посетителите имаа можност да ја испробаат специјално подготвената „Патека во количка“. Целта беше преку лично искуство да се добие подобра претстава за препреките со кои се соочуваат лицата со физичка попреченост при секојдневното движење низ градот.

Меѓу учесниците кои ја поминаа поставената патека во инвалидска количка беше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Од здружението „НЕВРОРАЗЛИЧНИ Битола“ истакнаа дека ваквите активности придонесуваат за рушење на предрасудите и создавање поинклузивна средина.

„Среќни сме што бевме дел од оваа иницијатива, покажувајќи дека секое мало внимание создава голема промена и нѐ води кон поинклузивна заедница за сите“, велат од здружението.

Тие упатија благодарност до Car Club Bitola за организацијата на настанот, како и до сите граѓани, институции и поддржувачи кои придонесоа за успешната реализација на активностите.

Настанот уште еднаш покажа дека преку заедничка соработка помеѓу граѓанските организации, локалната самоуправа и заедницата може да се подигне свеста за потребата од поголема пристапност и еднакви можности за сите граѓани на Битола.

Фото – Невроразлични

Слични Објави