Битола со мерка за заживување на Старата чаршија- Угостителите ќе бидат ослободени од комунална такса

Советот на Општина Битола на последната седница едногласно ја прифати иницијативата за ослободување од комунална такса на угостителските објекти – ресторани и кафе-барови – кои работат во Старата битолска чаршија.

На една од наредните седници на Советот ќе биде донесена одлука со која прецизно ќе се дефинира опфатот на мерката во рамки на чаршијата.

Локалните власти оценуваат дека ова е една од првите конкретни мерки насочени кон заживување на Старата битолска чаршија, која претставува еден од најзначајните културно-историски симболи на градот.

Очекувањата се дека со вакви поволности ќе се поттикнат младите претприемачи да ги развиваат своите бизниси токму во чаршијата, придонесувајќи за нејзино економско оживување и враќање на препознатливиот сјај што го имала низ годините.

Од Општина Битола најавуваат дека во наредниот период ќе следуваат и дополнителни мерки и активности насочени кон развојот и унапредувањето на Старата битолска чаршија.

Слични мерки би можеле да бидат пример и за Прилеп, каде старата чаршија со години се соочува со намален број дуќани и посетители. Покрај ослободување или намалување на локалните давачки, експертите посочуваат дека потребни се и субвенции за уредување на фасади и излози, организирање културни и туристички настани во чаршијата, поддршка за занаетчии и млади претприемачи, како и подобрување на инфраструктурата, осветлувањето и паркинг-пристапот. Само со комбинација на економски и развојни мерки може да се врати животот во старите градски јадра и да се зачува нивното културно и историско значење.

Слични Објави