|

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков во работна посета на Прилеп – Општините треба да ги искористат новите ЕУ фондови

Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска оствари работна посета на Општина Прилеп, каде се сретна со градоначалникот Борче Јовчески.

На средбата се разговараше за можностите за поголема искористеност на европските фондови за реализација на проекти од значење за локалната заедница. Според Министерството за европски прашања, новите повици за европско финансирање се очекува да бидат објавени оваа есен, а тие ќе претставуваат одлична можност општините активно да се вклучат во нивното користење.

Во рамки на посетата, Трајков и Јовчески го посетија ООУ „Добре Јованоски“, каде со поддршка на УНДП е изградено мултифункционално игралиште, реализирано во рамките на проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“. Дел од посетата беше и разгледувањето на новото инклузивно игралиште во паркот на Могилата на непобедените.

Трајков, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, ја посети и компанијата „Бимфуд ДОО“. Со средства преку ИПАРД програмата, оваа компанија успешно го модернизира производството и ја подобрува конкурентноста на пазарот.

Посетата на Прилеп е дел од серијата активности на Министерството за европски прашања за промоција на европските фондови, со цел нивна поголема искористеност и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Слични Објави