Современа опрема за Неврологија, перфузиони пумпи и пациент-монитор – Донација од „Гаро Градба“

Втора донација од „Гаро Градба“ за Одделот за неврологија – нова опрема за поголема безбедност на пациентите

Одделот за неврологија доби вредна донација од компанијата „Гаро Градба“, која по вторпат ја потврдува својата посветеност кон поддршката на здравствениот систем и унапредувањето на условите за лекување на пациентите.

Донацијата опфаќа перфузиони пумпи и пациент-монитор – медицинска опрема од исклучително значење за секојдневната работа на невролошките тимови, особено во третманот на ургентни и животозагрозувачки состојби.

Перфузионите пумпи имаат клучна улога во спроведувањето на интравенската тромболиза кај пациенти со акутен исхемичен мозочен удар, процедура која веќе претставува рутинска клиничка пракса во болницата. Прецизното и контролирано дозирање на лекот е од суштинско значење за успешноста на третманот, а токму овие апарати овозможуваат сигурна и точна администрација на терапијата.

Нивната примена е особено важна и во Единицата за интензивна нега при Одделот за неврологија, каде што се лекуваат пациенти со интрацеребрални крварења, хипертензивни кризи, шокови состојби од различна етиологија и коматозни состојби. Во вакви случаи, терапевтските одлуки често се носат во реално време, а безбедното дозирање на лековите претставува еден од најважните предуслови за успешен третман.

Дополнително, пациент-мониторот ќе овозможи континуирано следење на виталните параметри, вклучувајќи крвен притисок, пулс, сатурација на кислород и други показатели од суштинско значење за навремена медицинска реакција и подобра грижа за пациентите.

Од Одделот за неврологија упатија искрена благодарност до „Гаро Градба“ за довербата, хуманоста и континуираната поддршка, нагласувајќи дека ваквите донации имаат директно влијание врз квалитетот и безбедноста на здравствените услуги.

„Оваа донација претставува значајна инвестиција во подобра здравствена грижа и поголема сигурност за пациентите во најкритичните моменти од нивното лекување“, истакнуваат од одделот.

Со ваквите општествено одговорни активности, „Гаро Градба“ уште еднаш покажува дека поддршката на здравството не е само декларативна заложба, туку конкретен придонес кон подобрување на условите за лекување и спасување човечки животи.

Слични Објави