Возат без кациги, по двајца и со голема брзина… Електричните тротинети стануваат закана во сообраќајот
Со доаѓањето на потоплите денови, улиците во македонските градови се преплавени со електрични тротинети. Но, наместо практично и еколошко превозно средство, тие сè почесто се претвораат во причина за сообраќајни незгоди, повреди и сериозни безбедносни ризици.
Граѓаните алармираат дека, малолетници без заштитна опрема возат електрични тротинети со голема брзина, често по двајца на едно возило, поминувајќи низ раскрсници, пешачки премини и прометни булевари без почитување на основните сообраќајни правила. Особено загрижувачки е што дел од возачите се деца под законски дозволената возраст, а не ретки се случаите кога тротинетите се движат меѓу автомобили или по пешачки патеки со брзини значително поголеми од дозволените.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во првите четири месеци од 2026 година во државата се регистрирани 27 сообраќајни незгоди во кои учествувале возачи на електрични тротинети. Во овие незгоди нема загинати лица во наведениот период, но повредени се 13 возачи на тротинети, од кои едно лице се здобило со тешки телесни повреди. Тројца од повредените биле деца до 14-годишна возраст.
Сепак, граѓаните сметаат дека реалната бројка е значително поголема, бидејќи дел од инцидентите не се пријавуваат во полиција, особено кога станува збор за малолетни лица.
Прашањето за безбедноста на електричните тротинети повторно се најде во фокусот на јавноста по трагичната несреќа кај Куманово, во која животот го загуби 13-годишно момче управувајќи електричен тротинет. Несреќата предизвика нови реакции за потребата од построги контроли и поголема одговорност кај родителите и институциите.
Во мај годинава беше регистриран и случај во Пелагонија каде шестгодишно дете се здоби со тешки повреди додека управувало електричен тротинет, иако законски не смее да биде учесник во сообраќајот со вакво возило.
Дополнително загрижуваат и резултатите од анализите на сообраќајните експерти. На неодамнешна стручна дебата во Битола беше посочено дека од анализирани 1.320 возачи на електрични тротинети, само 7 проценти ги почитувале сите законски и безбедносни правила, додека дури 93 проценти направиле некаков прекршок.
Експертите предупредуваат дека најчести проблеми се неносење заштитна кацига, управување од страна на деца под 14 години и движење со брзина поголема од дозволената.
Што предвидува законот?
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата:
- лица помлади од 14 години не смеат да управуваат електричен тротинет;
- задолжително е носење заштитна кацига;
- забрането е превезување друго лице;
- максималната дозволена брзина е 25 километри на час;
- тротинетите треба да се движат по велосипедски патеки, а каде што ги нема, по површини наменети за пешаци со особено внимание кон нивната безбедност.
Поради зголемениот број прекршоци и незгоди, МВР веќе започна засилени контроли во рамки на европската акција ROADPOL, насочени кон мотоциклисти, мопеди и возачи на електрични тротинети. Воедно, се најавуваат и нови мерки и можни измени во регулативата со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Електричните тротинети несомнено се дел од модерната урбана мобилност, но последните случаи покажуваат дека без почитување на правилата тие лесно можат да се претворат во опасност и за возачите и за останатите учесници во сообраќајот. Додека институциите најавуваат контроли, експертите се согласни дека клучна улога имаат и родителите, кои треба да спречат малолетни деца да управуваат возила за кои не ги исполнуваат законските услови.


