Филип Димкоски на смотра во Алексинац
Македонскиот поет за деца и возрасни Филип Димкоски викендов ќе настапи на Државната смотра на читањето со меѓународно учество „Читателчиња“ во Алексинац, Србија. Тој е единствениот автор од Македонија кој годинава ќе учествува на оваа книжевна манифестација посветена на децата и љубовта кон читањето.
Во рамки на програмата, Димкоски ќе се дружи со деца и ќе учествува на книжевни средби заедно со познати автори од Србија и регионот, меѓу кои Јасминка Петровиќ, Дејан Алексиќ, Виолета Јовиќ, Власта Н. Цениќ, Гордана Тимотијевиќ и Шимо Ешиќ.
Димкоски веќе подолго време е присутен на книжевната сцена во Србија. Негови книги се објавени и на српски јазик, а книгата за деца „Заедно да растеме“ е наградена со плакетата „Сима Цуциќ“ од Банатскиот културен центар во Ново Милошево. Тој е застапен во повеќе зборници и антологии, а во изминатите години имал промоции и гостувања во Белград, Нови Сад, Ниш, Суботица, Врбас, Дољевац и Златибор.
Поетот активно работи на поврзување на македонскиот и српскиот јазик преку книжевни средби и работилници со деца, без разлика дали станува збор за мајчин или немајчин јазик. На манифестацијата „Читателчиња“ настапува по вторпат.
„Оваа смотра опстојува токму поради децата и желбата да се негува љубовта кон читањето. Во годината кога се навршуваат десет години од мојата интензивна книжевна соработка со Србија, чест ми е што повторно сум дел од оваа манифестација“, изјави Димкоски.
Покрај книжевните средби, програмата на манифестацијата вклучува тестирања за учениците поврзани со прочитаните книги, креативни штандови и работилници со писатели и глумци.
Во рамки на настанот ќе се одржи и симпозиум на тема „Од читање до алгоритми меѓу дигиталното огледало и културниот корен“, на кој како предавачи од Македонија ќе учествуваат Гордана Ѓорѓиевска Неделковски, Љупка Стојменова и Коце Стојменов.


