Прилепската болница со нова високо-софистицирана опрема – дигитален рентген и прв видео-ЕЕГ кабинет надвор од Скопје

Прилепската Општа болница „Борка Талески“ продолжува со инвестиции во модернизација на здравствените услуги, со набавка на два нови високо-софистицирани медицински апарати кои значително ќе ја унапредат дијагностиката и третманот на пациентите од Прилеп и поширокиот регион.

Станува збор за дигитален тавански рентген систем со безжичен пренослив детектор и прилагодлива маса за пациенти, набавен со сопствени средства на болницата во вредност од 9.309.020 денари, како и кабинет за видео-ЕЕГ за педијатриски пациенти, прв ваков апарат надвор од Клиниката за педијатрија во Скопје, набавен преку донација од компанијата ВИК во вредност од околу 1.700.000 денари.

Со новиот дигитален рентген систем целосно се напушта аналогното снимање и се преминува на современа дигитална дијагностика со висока резолуција, што овозможува побрзи, попрецизни и поефикасни услуги за пациентите. Дел од услугите кои досега се изведуваа во приватни здравствени установи, сега ќе бидат достапни во самата болница.

Директорот на болницата, д-р Кире Јоноски, истакна дека инвестициите се дел од поширок процес на унапредување на здравствениот систем и подобрување на условите за работа.

„Со новата опрема ќе се изедначуваме со клиничките центри во Скопје. Паралелно работиме и на кадровското зајакнување на одделенијата и надминување на тековните предизвици“, посочи Јоноски.

На настанот беше нагласено и значењето на општествено одговорните компании, кои континуирано придонесуваат за унапредување на здравствените услуги и условите во болницата, преку донации и поддршка на медицинската опрема.

Началникот на рентгенолошкото одделение, д-р Оливер Димитриески, посочи дека со новиот систем болницата целосно влегува во дигитална ера.

Станува збор за современ систем кој овозможува висок квалитет на снимки и побрза обработка. Годишно низ одделението поминуваат околу 30.000 пациенти, а кадровските предизвици остануваат актуелни.

Во рамки на детското одделение е формиран и современ кабинет за видео-ЕЕГ дијагностика, кој овозможува истовремено следење на мозочната активност и однесувањето на детето, што претставува значаен чекор напред во педијатриската неврологија.

Детскиот невролог, д-р Габриела Тавчиоска, истакна дека методата претставува златен стандард во современата дијагностика.

Од болницата информираат дека установата, која опслужува околу 120.000 жители од регионот, во изминатиот период реализирала инвестиции од над 50 милиони денари во нова опрема во повеќе одделенија, меѓу кои урологија, ортопедија, стерилизација и гинекологија, како и во обновување на одделенија и воведување нови методи на лекување.

Исто така, беше посочено дека некогашната долговна состојба од над 200 милиони денари е намалена на околу 109 милиони денари, како резултат на финансиска консолидација и поддршка од надлежните институции.

Со новите инвестиции, како што беше истакнато, се продолжува процесот на модернизација на здравствената заштита во Прилеп и регионот, со цел обезбедување поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните.

Слични Објави