Средба на Проданоски со вршителот на должноста амбасадор на САД, Никол Варнс – Туризмот, инфраструктурата и образованието во фокусот на средбата
Денеска во посета на Прилеп престојуваше вршителот на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнс, кој оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски.
На средбата се разговараше за актуелните состојби и развојните приоритети на градот, при што посебен акцент бил ставен на изработката на новиот Генерален урбанистички план.
„Како територијално најголема општина во нашата држава, Прилеп има потреба од современо урбанистичко планирање што ќе овозможи долгорочен развој, подобра инфраструктурна организираност и поквалитетни услови за живот за граѓаните“, истакнал Проданоски.
Според него, на средбата било разговарано и за образованието и можностите за продлабочување на соработката со Амбасадата на САД, со цел создавање нови можности за младите во градот.
„Тема на средбата беше и потенцијалот што Прилеп го има во областа на туризмот и нашите заложби градот сè поцврсто да го позиционираме на туристичката мапа, преку развој на манастирскиот туризам, културното наследство, природните убавини и алтернативните спортови“, посочил градоначалникот.
Во разговорите станало збор и за капиталните инфраструктурни проекти, особено за изградбата на обиколниците „Исток“ и „Запад“.
„Овие проекти во иднина ќе придонесат за подобра сообраќајна поврзаност, растеретување на градскиот сообраќај, намалување на метежот и загадувањето, како и за побезбеден и пофункционален сообраќаен систем“, нагласил Проданоски.
Тој додал дека со средбата била потврдена добрата соработка и партнерските односи меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, како и заложбите за понатамошно унапредување на меѓународната соработка на локално ниво.“



