31-годишна мајка на четири деца убиена од сопругот, насилството не било пријавувано
Ново брутално убиство на жена ја потресе утрово државата. Битолчанец со нож ја избодел до смрт својата 31-годишна сопруга, со која не живееле заедно, соопшти битолската полиција..
Нов случај на фемицид во битолската населба Баир беше убиена 31-годишната Ајнет Вејсел, мајка на четири деца. Според првичните информации, за убиството е осомничен нејзиниот 33-годишен сопруг, кој по настанот е приведен.
Трагедијата се случила во семејниот дом на улицата „5-та“ во населбата Баир, каде во текот на денот имаше засилено полициско присуство и увидни екипи. Неофицијално, жената била усмртена со нож.
Според досегашните информации, семејното насилство претходно не било пријавувано во институциите, ниту пак имало официјални евиденции за пријави против осомничениот.
Случајот повторно ја отвори дебатата за семејното насилство, заштитата на жртвите и потребата од навремено препознавање на ризиците, особено затоа што ова е петто убиство на жена во контекст на семејно насилство во Македонија од почетокот на годинава.
По трагедијата реагираше и Катерина Котеска Стисниовска, која посочи дека бројот на жртви загрижувачки расте и дека институционалните пропусти со години придонесуваат ваквите случаи да завршуваат трагично.
Таа нагласува дека справувањето со семејното насилство бара искусни професионалци, силен механизам на контрола и навремена реакција од сите надлежни институции.
Катерина Котеска Стисниовска, која посочи дека бројот на жртви загрижувачки расте. Таа наведува дека во текот на целата 2025 година биле регистрирани пет жртви, додека годинава до месец мај веќе има пет случаи.
Според неа, и покрај мерките што започнале да се преземаат, трагедиите продолжуваат, а причината ја гледа во долгогодишните институционални пропусти и недоволно ефикасното справување со семејното насилство.
Ајнет Вејсел зад себе остави четири малолетни деца – три девојчиња и едно момче. Од надлежните институции се очекуваат повеќе информации за случајот и околностите под кои се случило убиството.



