|

Од тутунска кутија до навигациски инструмент – ретка приказна од музејот за Тутун во Прилеп

Што се крие во Музејот за тутун во Прилеп?
Морнарско етуи (кутија), изработена во 1492 година, што патувала до Америка на Вториот колумбов поход од 1494 година.

Во срцето на Прилеп, зад вратите на Музејот за тутун – Прилеп, се крие една од најнеобичните и највредни збирки во Европа – приказна во која тутунот не е само земјоделска култура, туку дел од глобалната историја, науката и морепловството.

Еден од пофасцинантните експонати во музејот е навидум обична метална (месингана) кутија за морнарски ситници, која подоцна станува тутункутија за „морнарски отсечок“ (дневно следување тутун за џвакање).
Зад нејзиниот изглед како утилитарна морнарска алатка, во која чувале пари и ситници, како игли за шиење, амајлии, лековити прашоци…, се крие сложена научна алатка. Станува збор за таканаречен „холандски лог“ – инструмент што морепловците го користеле за ориентација во минатото. Овој „лог“ е доста позната работа и порано и Шпанците најдобро ја усовршиле.
На кутијата е вграден вечен календар, кој им овозможувал на морнарите да го пресметуваат времето – клучен елемент за одредување на географската позиција на отворено море. За нив, времето не било само информација, туку прашање на преживување.

Овие „календари“ служат и како таблици за пресметување на тежински мерки од шпански, во британски или арапски, а има и „потсетник“, во која прилика на кој светец морнарот треба да се моли. Тоа е овозможено со движење на двете страни на кутијата на „шарнир“.

Вообичаено, на овие етуија се гравирани ликовите на Јулиј Цезар и Папа Гргур XIII, со што е загатната симболичната приказна за еволуцијата на мерењето на времето, од Јулијанскиот до Грегоријанскиот календар. Така, во еден мал предмет се спојуваат науката, историјата и практичната примена.
Ова етуи од Музејот за тутун во Прилеп е персонализирано за морнар со име Пинзон.

Врската со откривањето на тутунот
Овој експонат не е случајно дел од музејската поставка. Неговата приказна се надоврзува со почетоците на тутунот во Европа и поморските експедиции од 15 век. Тука се појавуваат и Браќата Пинзон – капетани на бродовите „Пинта“ и „Ниња“, кои учествувале во патувањата на Кристофер Колумбо. Тие биле меѓу првите Европејци што го виделе тутунот кај домородните народи во Америка.
Морнарите, како главни преносители на нови култури и навики, го донеле тутунот во Европа. Истите тие морепловци користеле и вакви инструменти за навигација, што ја прави врската меѓу науката и трговијата со тутун уште подлабока.

Како стигнал артефактот во Прилеп?

Музејот за тутун во Прилеп, кој важи за еден од најголемите од ваков тип во Европа, со децении систематски собирал и откупувал ретки предмети од целиот свет. Токму така, оваа шпанска кутија, која ја нарекуваат и „холандска“ станала дел од неговата богата колекција. Таа е купена од приватен колекционер од Севиља во 1972 година, во време кога Југославија и македонската тутунска индустрија имале пари и моќни раководители како Бошко Бабиќ, за да купат вакви екстремно скапи експонати.

Нејзиното присуство сведочи за период кога морепловството и трговијата со тутун се развивале паралелно – едното ја овозможувало глобалната поврзаност, а другото станувало глобален производ.

Повеќе од музејски експонат

Денес, ваквите предмети често ги гледаме како статични експонати зад стакло. Но, нивната вистинска вредност лежи во нивната некогашна функција – тие биле алатки без кои не се тргнувало на пат.
Овие алатки говорат и за стилот и вкусот, но и за државните политики. Така, Музејот за тутун има друго морнарско етуи од 1599 година, од Велика Британија, на кое нема информации, освен името на сопственикот. Ако „прочепкаме“ ќе сфатиме дека времињата се мениле и на државата и морепловството веќе не им биле потребни „учени“ морнари, туку само послушни.

Прашањето што го отвора оваа поставка е едноставно, но суштинско: дали навистина ја разбираме вредноста на овие предмети, или само ја читаме натписот?
Музејот во Прилеп не нуди само приказ на минатото, туку и потсетник дека зад секој мал предмет може да се крие приказна што го поврзува локалното со глобалното – од тутунските полиња во Пелагонија до океанските патишта што го менувале светот.

Фото – Завод и Музеј Прилеп (Музеј за тутун)

Слични Објави