|

Нови инфо табли на Пелистер – модерна приказна за македонскиот бор

Во Национален парк Пелистер започна поставување на нови информативни табли со современ дизајн, со цел подобра едукација на посетителите и промоција на природното и културното наследство на паркот.

Новите инфо табли се фокусираат на значењето на петтоигличестиот бор – молика, познат и како македонски бор, кој претставува еден од најпрепознатливите симболи на Пелистер. Овој редок вид е откриен на Баба Планина во 1839 година и веќе речиси два века сведочи за богатата природна историја на паркот.

Во првата фаза, таблите се поставени во најпосетените делови од паркот, а во наредниот период се планира нивно проширување и долж планинарските и велосипедските патеки, со што посетителите ќе добијат повеќе информации за биодиверзитетот и природните вредности на ова заштитено подрачје.

Од Национален парк Пелистер информираат дека ваквите активности имаат за цел подигнување на јавната свест за заштита на природата и поттикнување одржлив туризам.

Проектот се реализира со поддршка на Prespa Ohrid Nature Trust, а претставува дел од пошироките напори за унапредување на инфраструктурата и интерпретацијата на природното наследство во регионот.

Пелистер, како еден од најстарите национални паркови во земјава, продолжува да се развива како „жив музеј“ на биодиверзитетот, нудејќи им на посетителите уникатно искуство и можност за поблиско запознавање со природните богатства на Македонија.

Слични Објави