Европско искуство во служба на пациентите во Прилеп — се враќа д-р Аџиоска, ново засилување на кардиолошкиот тим во прилепската болница

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп добива значајно стручно засилување во областа на кардиологијата. Од денес, дел од интерното одделение и кардиолошкиот тим е д-р Афродита Аџиоска, специјалист по кардиологија со богато меѓународно искуство стекнато во Софија, Република Бугарија, како и 2,5-годишна професионална пракса во Германија.

Нејзиното клиничко искуство опфаќа дијагностика, следење и третман на различни кардиоваскуларни заболувања, што се оценува како значаен придонес за унапредување на здравствените услуги и квалитетот на грижата за пациентите во прилепската болница.

Образованието го завршила на Медицинскиот универзитет во Софија, додека специјализацијата по кардиологија ја стекнала во Националната кардиолошка болница, една од водечките здравствени институции во регионот.

Со нејзиното враќање и приклучување кон здравствениот систем во Македонија, таа претставува втор стручен кадар кој по професионално искуство во Европската унија се враќа и се вклучува во работата на болницата, што се оценува како позитивен чекор во насока на јакнење на медицинските тимови и задржување на стручниот кадар во земјата.

Од раководството на болницата посочуваат дека ваквите кадровски засилувања се значајни за континуирано унапредување на здравствената заштита и воведување на современи медицински практики во секојдневната работа со пациентите.

Слични Објави