БЕСПЛАТЕН ПРЕНАТАЛЕН СКРИНИНГ ЗА СИТЕ ТРУДНИЦИ ВО ПРИЛЕП
Во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Прилеп за првпат се воведува бесплатен пренатален скрининг, со што значително се унапредува грижата за бремените жени во регионот. Оваа новина овозможува идните мајки навремено, безбедно и без финансиски трошоци да направат проценка на ризикот за хромозомски аномалии и вродени малформации.

Со воведувањето на оваа услуга, трудниците повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови или да плаќаат скапи анализи во приватни лаборатории, што досега беше чест случај.
Пренаталниот скрининг се спроведува во два клучни периода од бременоста – во првиот триместар, од 12 до 14 недела, и во вториот триместар, од 15 до 21 недела. Процедурата е едноставна и целосно безбедна, а вклучува крвна анализа и ехо преглед.
Со овие испитувања се добива рана проценка на ризик за појава на состојби како што се Down синдром, Edwards синдром и Patau синдром, како и за Спина бифида и други развојни аномалии.
Од болницата информираат дека во лабораторијата се достапни и дополнителни анализи како спермограм, витамин Б12, кортизол, инсулин, фолна киселина и витамин Д, што претставува дополнителна поддршка за репродуктивното и општото здравје на пациентите.
За користење на бесплатниот пренатален скрининг, потребен е само упат од матичен гинеколог или специјалист. Со оваа мерка, здравствените власти испраќаат јасна порака дека раната превенција и достапноста на здравствени услуги се клучни за сигурна бременост и здраво потомство.
Овој чекор претставува значаен напредок за здравствениот систем во Прилеп, но и за целата Пелагонија, овозможувајќи им на жените поквалитетна и подостапна грижа во еден од најважните периоди од нивниот живот. – стои во соопштението од Болница Прилеп



