Повторно сообраќајна незгода на раскрсницата Тризла – Пиринска

Вечерва повторно се случи сообраќајна незгода на раскрсницата меѓу улиците Тризла и Пиринска во Прилеп. Во незгодата учествувале две возила, а според информациите нема повредени лица, при што е причинета поголема материјална штета.



Полициски екипи беа веднаш на терен, каде извршија увид и го регулираа сообраќајот.

На оваа локација во изминатиот период се случиле повеќе сообраќајни незгоди, меѓу кои и тешка сообраќајна несреќа пред неполна година, која ја вознемири јавноста и ја наметна потребата од итни безбедносни мерки.

По претходната тешка сообраќајна несреќа, пред неполна година во која имаше и жртва, надлежните институции презедоа чекори за зголемување на сообраќајната безбедност. На раскрсницата се поставени лежечки полицајци и сообраќајни знаци, со цел намалување на брзината и подобра регулација на сообраќајот.

И покрај тоа, оваа незгода повторно го актуелизира прашањето за безбедноста, имајќи предвид дека според информации, во овој дел од градот, вклучително и следната раскрсница се регистрирани повеќе сообраќајни незгоди.

Експертите укажуваат дека, покрај веќе преземените мерки, потребни се и дополнителни интервенции, како што се подобрување на сигнализацијата, дополнително улично осветлување, зголемено полициско присуство и воведување технички средства за контрола на брзината.

Од надлежните институции се очекува состојбата да биде сериозно анализирана и да се преземат соодветни чекори, со цел овој дел од градот да престане да биде ризична сообраќајна точка и да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот.

Слични Објави