Свечено одбележан јубилејот на Новаци, поставен камен-темелник за нова фабрика

Новаци одбележа 30 години постоење со свечена академија и нова инвестиција

Општина Новаци денеска свечено го одбележа значајниот јубилеј – 30 години од своето постоење, преку низа настани со кои беше истакнат досегашниот развој и идните перспективи на општината.

Во рамки на одбележувањето се одржа свечена академија на која беа доделени признанија и награди на истакнати локални производители, инвеститори, здруженија, како и на млади професионалци – дипломирани инженери, пилоти и лекари, за нивниот труд, посветеност и придонес во развојот на заедницата.

Свои обраќања имаа министерот за локална самоуправа Златко Перински, претседателот на Советот Илче Трајковски, како и градоначалникот на Општина Новаци, при што беше нагласена важноста на знаењето, професионализмот, иницијативата и соработката меѓу институциите.

По повод јубилејот беше одржана и свечена седница на Советот на Општина Новаци, на која присуствуваа сите досегашни советници кои во изминатите три децении биле дел од работата на Советот. Настанот симболично ги обедини генерациите кои со својата работа и визија ги поставиле темелите на современата општина.

Во рамки на одбележувањето, беа наградени и учениците кои учествуваа на Ликовниот и Литературниот конкурс на тема „Општина Новаци“, при што беа доделени награди за освоените први три места.

Покрај свечените активности, денеска беше поставен и камен-темелник на нова фабрика за производство и преработка на здрава храна на компанијата „Кечеги“, инвестиција на Александар Талевски. Фабриката ќе биде изградена во новата индустриска зона во Новаци.

Овој значаен проект претставува конкретен чекор кон економски развој, отворање нови работни места и поддршка на домашното производство, што дополнително ја зацврстува визијата за напредок на општината.

Јубилејот беше одбележан во духот на заедништво и гордост, со јасна порака дека Општина Новаци продолжува по патот на развојот, создавајќи подобра иднина за сите свои граѓани.

Слични Објави