Пожарот на депонијата кај Алинци, ставен под контрола
Денеска околу 14 часот избувна пожар на градската депонија кај Алинци, во близина на Прилеп.
По пријавата за пожарот, на терен интервенираа екипи на Територијалната противпожарна единица – Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување, како и екипи на ЈКП „Комуналец“ и ЈКП „Водовод и канализација“. Во гаснењето се вклучија и општествено одговорни компании со механизација и работна сила.
Според информациите од терен, пожарот е ставен под контрола, а екипите продолжуваат со активности за негово целосно гаснење и спречување на евентуално повторно ширење.
По извршениот увид на местото на настанот, бил одржан координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој биле утврдени насоките за понатамошно делување на надлежните институции.
Поради безбедно одвивање на сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола, вечерва е најавено зголемено присуство и контрола од страна на сообраќајната полиција.
Надлежните информираат дека ситуацијата ќе се следи и во текот на ноќта, а активностите на терен ќе продолжат и утре.


