|

11 Седница на Советот на Општина Прилеп – Поскапеа градинките и старскиот дом

Вчера се одржа редовната 11. седница на Советот на Општина Прилеп, на која советниците расправаа по 30 точки од дневниот ред.

Седницата започна со негодување од страна на опозициските советници, кои реагираа дека материјалите за точките од дневниот ред им биле доставени многу доцна. На забелешките одговори претседателката на Советот, која посочи дека доцнењето било поради технички проблем при испраќањето на материјалите преку Ви-трансфер.

За првпат на говорницата се обрати и правничката која ѝ помага на претседателката во водењето на седниците. Таа вети дека од следната седница тие ќе им бидат доставувани на советниците уште истиот ден кога ќе биде закажана седницата.

Забелешки за доставените материјали упати и советничката Мирјана Стеваноска (ЗНАМ), која е дел од советничкото мнозинство. Таа истакна дека Советот мора да располага со целосни и јасни информации пред да носи одлуки, посочувајќи дека во конкретниот случај дел од материјалите биле нецелосни и нејасни, а за одредени точки од дневниот ред воопшто немало доставено материјали.

Во продолжение на седницата беа усвоени Предлог-годишната сметка на Буџетот на Општина Прилеп за 2025 година, Предлог-годишниот извештај за работата на Општина Прилеп за 2025 година, како и Предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година.

Советниците дискутираа и по Предлог-одлуката за утврдување на надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња, како и по предложеното упатство за начинот и правилата за утврдување и исплата на надоместокот. Целта на овие мерки е да се воспостави појасна постапка и да се намалат финансиските импликации кои општината и ЈКП „Комуналец“ ги имаат по основ на штети од каснување од бездомни кучиња.

Со мнозинство гласови, советниците дадоа согласност и за прифаќање на донација во материјални добра, тампон од „Мермерен Комбинат“ АД Прилеп, наменета за реализација на тековните градежни проекти на Општина Прилеп.

Останатите точки на дневниот ред се однесуваа на усвојување на годишните сметки за изминатата година на основните и средните училишта, како и на повеќе јавни установи и институции во градот, меѓу кои ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“, Детските градинки „Наша иднина“ и Градската библиотека „Борка Талески“.

За време на разгледувањето на точките поврзани со финансиските извештаи на училиштата, советниците од опозицијата прашаа дали училиштата имаат направено измени на финансиските планови, односно дали тие се усогласени со ребалансот на буџетот. Одговорите од директорите беа различни. Дел од нив одговорија дека направиле усогласување, додека други посочија дека такви измени не биле направени. На барањето од опозициските советници тие измени на финансиските планови да бидат доставени до Советот, не беше даден конкретен одговор.

Советот донесе одлука и за регулирање на надоместокот за престој на деца во детските градинки „Наша иднина“, при што цената што ја плаќаат родителите ќе изнесува 2.000 денари месечно. Донесена беше и одлука за новата цена на услугите во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“, која ќе изнесува 16.000 денари. Во расправата околу поскапувањето на надоместокот за градинките од мнозинството се вклучија советниците Златко Рикалоски и Александра Ангелеска-Петреска, кои го образложија зголемувањето на цената. Советниците од опозицијата гласаа против поскапувањата.

Инаку, во текот на седницата беше забележливо дека советниците од мнозинството речиси и да не учествуваа во расправата по најголем дел од точките на дневниот ред.

На седницата беше усвоена и одлука за определување на ширината на крајбрежниот појас на водотекот на реката Ореовечка во Прилеп, како и извештајот за преземените мерки и активности за 2025 година за подрачјето на ОВР Прилеп.

Слични Објави