(видео) Советот на Општина Прилеп донесе повеќе одлуки, навивачи на ФК Победа не беа пуштени на седницата

На денешната 10. седница на Советот на Општина Прилеп, советниците разгледаа и усвоија повеќе одлуки од интерес на граѓаните и институциите во Прилеп.

Во фокусот беше Програмата за утврдување на критериуми и стандарди за поставување урбана опрема и користење површина пред деловни објекти. Со оваа програма се воведуваат појасни правила и унифицирани стандарди за поставување урбана опрема пред угостителските и другите деловни објекти, со цел поголем ред, естетика и функционалност на јавниот простор.

Советниците ја усвоија и Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите во Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, како и Решението за разрешување и именување член во Управниот одбор на оваа установа.

На седницата беше донесена и одлука со која се дава согласност за определување ширина на крајбрежен појас во водотеците во планските опфати на УПС Штавица и УПС Тополчани.

Дополнително, беа усвоени одлуки за именување членови во надзорни и управни одбори на повеќе јавни претпријатија и установи, меѓу кои ЈКП „Водовод и канализација“, ЈКП „Комуналец“, ЈСП Прилеп, ЈОУДГ „Наша Иднина“ и ЈП „Енерго-Прилеп“. Советот донесе и одлука за разрешување членови на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот, како и одлука за ставање вон сила на претходна одлука за проширување на средствата на Буџетот за 2026 година.

Навивачи на ФК Победа не беа пуштени на седницата

Пред почетокот на седницата, неколку навивачи на ФК Победа се обидоа да присуствуваат, поради тоа што советникот Жарко Стеваноски поднесе заклучок со кој требаше да се разгледа состојбата и можностите за спас на клубот, кој се соочува со сериозни проблеми.

Сепак, претседателката на Советот, Билјана Кржеска, не дозволи нивно присуство на седницата, иако според прописите, седниците на Советот се јавни и на нив може да присуствува секој граѓанин, со најава, а нивното тврдење беше дека биле најавени. После подолга расправа, беа упатени на прием кај Градоначалникот.

Во врска со состојбата во клубот, советничката група на СДСМ и коалицијата на 11 февруари поднеле барање за итна седница. Сепак, според информациите, барањето не било разгледано, бидејќи не ги содржело потребните потписи од најмалку една третина од советниците, како што предвидува Деловникот.

Повлечени точки за правилник за каснување од улични кучиња

По долга расправа и укажување од страна на советниците дека овие предлози содржат незаконски делови, точките 5 и 6 од дневниот ред, кои се однесуваа на донесување правилник поврзан со постапките и надлежностите во случаи на каснување од улични кучиња, беа повлечени. Наведената причина за повлекувањето беше отсуството на предлагачот – Градоначалникот

.

Слични Објави