Македонската химна одекна во Таранто: Прилепчанецот Матеј Белистојаноски со злато за Македонија
Од Прилеп до Таранто – Матеј Белистојаноски го освои златото, а македонската химна одекна на Медитеранот!
ТАРАНТО – ПРИЛЕП: Македонската химна одекна во Таранто, а на највисокото место на пиедесталот се искачи прилепчанецот Матеј Белистојаноски, кој освои златен медал на 20. Медитерански игри.
Белистојаноски блесна во карате-турнирот во категоријата до 67 килограми и со фантастичен настап стигна до најсјајното одличје, носејќи му на македонскиот спорт голема радост и уште една причина за гордост.
Во големото финале, македонскиот каратист доминираше против Хрватот Боран Берак, кого убедливо го совлада со 6:0. Од самиот почеток Белистојаноски ја презеде контролата врз борбата, покажа сигурност и одлична тактика и заслужено се закити со златото.
Патот до финалето беше исто така импресивен. Прилепчанецот најпрво го совлада Мустафа Алма Салех од Сирија со 6:1, потоа беше подобар од домашниот натпреварувач Лука Мареска од Италија со 2:0, а во полуфиналето славеше против Георгиос Балиотис од Грција со 5:1.
Со четири победи и импресивна гол-разлика, Белистојаноски го потврди својот квалитет и уште еднаш покажа дека е еден од најголемите македонски карате таленти.
За Македонија ова е шести медал на Медитеранските игри во Таранто, по две сребрени и три бронзени одличја. Но, денес во Таранто се слушаше македонската химна – за златото на еден млад спортист кој гордо ги бранеше боите на својата земја.
За Матеј Белистојаноски, пак, ова е уште една круна на исклучително успешната година. Прилепчанецот претходно ја освои и титулата европски младински шампион, а сега во својата колекција го додаде и златото од Медитеранските игри.
Медитеранските игри во Таранто завршуваат утре, 3 септември.


