Изгубениот прилепски планинар на Пелистер – слегол сам, жив и здрав

Триесет и седумгодишен планинар од Прилеп, кој денеска беше пријавен како изгубен на подрачјето на Националниот парк Пелистер, е пронајден жив и здрав, информираат надлежните служби.

Планинарот бил пријавен за исчезнат откако други лица што се искачувале на Пелистер пријавиле дека му се изгубила трагата во близина на локацијата позната како „Антена“. Со него бил остварен телефонски контакт во времетраење од околу 10 минути, по што сигналот од мобилниот телефон бил изгубен.

Потрагата најпрвин била започната со ратрак, но без успех. Случајот бил пријавен во СВР Битола и во Националниот парк Пелистер – Битола, по што веднаш биле ангажирани екипи на терен. Потрагата била отежната поради непристапниот терен и густата магла, а дополнителен проблем претставувале и неточни координати доставени до Ситуациониот центар.

Во акцијата бил вклучен и директорот на Националниот парк Пелистер, кој се наоѓал на терен и остварил комуникација со началникот на СВР Битола со цел обезбедување прецизни информации за лоцирање на планинарот.

Во меѓувреме, планинарот успеал самостојно да се симне од планината од страната на Црвена Река, стигнувајќи до потпелистерското село Ниже Поле. Како што е наведено, во еден момент го слушнал ратракот кој бил вклучен во потрагата по него.

Надлежните служби информираат дека планинарот е во добра здравствена состојба и дека спасувачката акција е успешно завршена.

Слични Објави