3 милиони денари за нова опрема во Домот за стари лица во Прилеп
По повод одбележувањето на Неделата на грижата за старите лица, во Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, беше презентирана новата опрема и реализираните активности за унапредување на условите за престој и грижа на штитениците. Настанот го отвори Директорот на установата, кој ја истакна важноста на вниманието, хуманоста и почитта кон постарите лица како основа на едно зрело и здраво општество.
Директорот Благојче Стојаноски, информираше дека преку субвенција од 3.100.000 денари, обезбедена од Локалната самоуправа на Општина Прилеп, Домот набавил современа индустриска опрема која значително ќе ја подобри ефикасноста и квалитетот на услугите. Меѓу набавените уреди се: индустриска перална и сушара, машина за чистење ходници, правосмукалка, електричен казан за подготовка на храна, фрижидер, машина за миење садови, саламорезница и мини трактор косилица.
Дополнително, компанијата Кромберг & Шуберт – Битола донираше опрема за кујната, од ситен инвентар до индустриски машини, што ќе го олесни секојдневното работење и ќе го подигне квалитетот на подготовката на оброците.
Во тек е и финализацијата на системот за противпожарна заштита, инвестиција вредна околу 2.000.000 денари, финансирана од Буџетот на Домот. Со овој проект значително се унапредува безбедноста на корисниците.
Од Домот истакнуваат дека нивната крајна мисија останува непроменета – обезбедување достоинствени услови, професионална грижа и подобра иднина за секој корисник.



