Почна дигиталното регистрирање на границите
Без долги редици, чекања и гужви на граничните премини со Грција и Бугарија – од викендов почна со работа новиот систем за електронско регистрирање на влез и излез за државјаните од трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани што патуваат со сопствени возила, но само на барање на патниците.
Наместо печати во пасошите, при првиот влез во Европската Унија, патниците даваат отпечатоци од прсти и се фотографираат. Секое следно преминување на македонските граѓани во Бугарија или Грција ќе се евидентира дигитално, како дел од новиот безбедносен „Ентри–Егзит“ систем на Европската Унија.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека од системот се изземени само граѓаните кои патуваат во Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, а на лицата под 12 години нема да им се земаат отпечатоци од прсти. Секоја земја членка ќе го користи системот најмалку на еден граничен премин, а постепено ќе се зголемува бројот на премини сè додека не се постигне целосна оперативност.
„Овој систем ќе регистрира лични податоци, вклучувајќи фотографија од лицето и отпечатоци од прсти, податоци од патниот документ, како и информации за влез, излез и евентуално одбивање на влез на државјани на трети земји кои ја преминуваат надворешната граница на Шенген-зоната“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Од Северозападната стопанска комора информираат дека по започнувањето со примена на системот, засега нема застои и подолги чекања на границите за превозниците.



