Европската недела на мобилност 2025 во Прилеп (видео)
„Во рамки на неделата се планирани велосипедски возења, ноќна трка, бесплатен јавен превоз и ден без автомобили. Општината со ова се приклучува кон европските градови кои ја промовираат одржливата мобилност.“
„Со големо задоволство ја започнуваме Европската недела на мобилност. Нашата цел е да ги поттикнеме прилепчани да ги променат секојдневните навики и да изберат здрав и одржлив начин на превоз. Оваа недела ни носи возење велосипеди, ноќна трка, бесплатен јавен превоз и ден без автомобили – кога градот ќе им се препушти на пешаците, спортистите и на децата.“ – Гоце Бојкоски – (координатор на активностите)
„Планот за одржлива урбана мобилност е стратегија која им помага на градовите да ја подобрат пристапноста, квалитетот на животот и животната средина. Тоа значи повеќе велосипеди, повеќе пешачење и помалку автомобили. Овој план е партиципативен – го правиме заедно со граѓаните и засегнатите страни, бидејќи само така можеме да создадеме одржлива и безбедна мобилност.“ – „Оваа недела ни носи возење велосипеди, ноќна трка, бесплатен јавен превоз и ден без автомобили – кога градот ќе им се препушти на пешаците, спортистите и на децата.“ – Борче Јовчески – Градоначалник на Општина Прилеп
„Во активностите се вклучени јавните претпријатија, здруженијата и спортските клубови, а најмногу младите – учениците и спортистите.“
„Велосипедот е најефикасен и најодржлив начин на транспорт. Со новиот план очекуваме драстични подобрувања за велосипедистите и пешаците.“ – ДИМЕ ДАМЕСКИ (Прилеп на точак)
„Целта е да покажеме дека можеме да ги извршуваме секојдневните активности и без моторни возила.“ ВИОЛЕТА СЕКУЛОСКА (собраќаен инженер)
„Учениците активно се вклучуваат во сите настани – велосипедизам, пешачење, планинарење.“ ЗДРАВКО РИСТЕВСКИ (Сојуз за училишен спорт)
„Ова е рекреативна велосипедска манифестација, не е трка. Имаме награди и изненадувања за учесниците.“ ДРАГАН ДИМИТРИЈОСКИ (организатор на масовното возење)
„Со Европската недела на мобилност, Прилеп уште еднаш покажува дека одржливиот транспорт и здравата животна средина се заедничка цел. Организаторите очекуваат голема посетеност и уште поголема поддршка од граѓаните.“
Програма на активности:
-17 септември (среда): Критична маса – групно возење велосипеди низ улиците на Прилеп и вечерна проекција на филм во рамки на проектот „Педали и приказни“.
-18 септември (четврток): Бесплатен градски превоз во текот на целиот ден и делење на едукативни флаери од учениците при СОУ „Ристе Ристески Ричко“.
-19 септември (петок): Запирање на сообраќајот на бул. „Гоце Делчев“ и ноќна трка на 5 км низ градот, во организација на Ориентациониот клуб „Златоврв“.
-20 септември (сабота): Заеднички активности на сообраќајното одделение при СОУ „Ристе Ристески Ричко“ и МВР – Прилеп со делење флаери и разговори со возачи.
-21 септември (недела): „Сите на велосипед 2025“ – групно возење од центарот на Прилеп до аеродромот во Коњари и назад, во организација на ВК & сервис „Илинден“.
-22 септември (понеделник): Ден без автомобили – затворање на централната градска сообраќајница од 07.00 до 15.00 часот и низа спортско-рекреативни и едукативни активности за ученици, градинки, НВО и спортски клубови.



