Вработените на урологија се откажале од службени телефони и купиле 18 клими и машини за перење
Универзитетската клиника за урологија го промовираше целосно реновираното болничко одделение, како дел од поширок инвестициски и реформски циклус за модернизација на здравствените услуги и подобрување на условите за работа и престој на пациентите. Вкупната инвестиција изнесува 300.000 евра – 100.000 евра од фондовската сметка, 100.000 евра преку донации и 100.000 евра од сопствени средства на Клиниката.
Просториите се целосно трансформирани во современи болнички соби, уредени како апартмани. Секоја соба е опремена со нови болнички кревети, ЛЦД телевизори, нови тоалети, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздух. Климата создава значително похумани услови за пациентите, особено во текот на летните месеци кога високите температури можат да го отежнат престојот.
Посебно внимание привлече хуманиот гест на вработените, кои се откажаа од субвенциите за службени мобилни телефони во вредност од 500.000 денари. Со овие средства Клиниката купи две машини за перење алишта и 18 клима-уреди, обезбедувајќи современи и удобни услови за пациентите.



