Стартуваат подготовките за Локалните избори 2025 кои ќе чинат речиси 10 милиони евра
Собранието најдоцна до сабота треба да ги распише локалните избори, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Таму каде што ќе биде потребен втор круг, истиот е закажан за 2 ноември.
Граѓаните ќе избираат градоначалници и членови на општинските совети во 80 општини низ државата, како и во Градот Скопје. Ова е најмасовниот изборен процес во земјата, со оглед на бројот на учесници и обемот на изборната администрација.
За разлика од претходните изборни циклуси, годинава граѓаните кои живеат надвор од државата нема да можат да гласаат од странство. Единствена можност за остварување на правото на глас останува лично присуство и гласање на домашните избирачки места.
Државната изборна комисија (ДИК) веќе неколку месеци активно се подготвува за изборниот процес. Веднаш по распишувањето на изборите, ќе се одржи јавна седница, на која ќе биде објавен календарот со сите рокови, изборни дејствија, како и правата и обврските на политичките субјекти, медиумите и избирачките органи.
До крајот на август ќе се реализира случаен избор на 21.000 административци, кои ќе бидат ангажирани во избирачките одбори на околу 3.500 гласачки места низ државата. Во текот на септември, овие лица ќе поминат обука и ќе добијат прирачници за работа.
Паралелно, политичките партии кои добија најмногу гласови на последните избори – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Вреди – треба да предложат уште 14.000 членови на избирачките одбори. Оваа измена се должи на истекот на мандатот на претходните состави.
Меѓу најзначајните рокови е јавниот увид во Избирачкиот список, кој започнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае 20 дена. Во тој период, граѓаните со право на глас ќе можат да ги проверат податоците и да побараат корекции – онлајн или преку подрачните канцеларии. Иако проверката е можно да се направи и во моментот, конечниот ажуриран список ќе биде финализиран по официјалното распишување на изборите.
Вкупниот буџет за локалните избори 2025 изнесува 9,76 милиони евра. Најголемиот дел – околу две третини – е предвиден за платено политичко рекламирање во медиумите.
Останатите средства се распределени за: надоместоци за членовите на избирачките одбори, транспорт и логистика поврзана со гласачкиот материјал како и делумно финансирање од страна на општините.
Од ДИК најавуваат дека се преземаат мерки за рационализација и намалување на трошоците, каде што е тоа можно, без да се наруши интегритетот на процесот.


