Американски искуства за транспарентност споделени во општина Прилеп
Во Општина Прилеп денес се одржа работилница на тема „Одговорен град и заедница“, насочена кон споделување на добри практики од Градскиот совет на Њу Орлеанс, САД, со цел унапредување на транспарентноста, одговорноста и активното граѓанско учество во локалното креирање на политики.
Во рамки на посетата, градоначалникот Борче Јовчески оствари средба со Алисон Поорт – шеф на кабинет на канцеларијата на Дистрикт Б при Советот на Њу Орлеанс, Климентина Ѓорѓиоска – учесничка на Програмата за решенија во заедницата, и Лили Виџинс – заменик директорка на Програмата. На средбата се разговараше за можностите за примена на успешни американски модели на локално управување во Прилеп.
Работилницата, која се одржа во просториите на Општината, ја посетија и претседателката на Советот на Општина Прилеп заедно со советниците. Учесниците имаа можност да се запознаат со начинот на функционирање на Советот на Њу Орлеанс и да ги споредат со искуствата и структурата на Советот на Општина Прилеп, со посебен акцент на зајакнување на соработката и размена на искуства.
Настанот заврши со свечено доделување на сертификати за учество, а на градоначалникот Јовчески и Советот на Општина Прилеп им беа врачени прогласи како знак на благодарност и признание за вклученоста во оваа иницијатива.


