| | |

Започна „Битола Отворен Град 2025“ – фестивал што не брои публика, туку значење

Со утрински прес и отворање на изложбата „When Do I Stop?“ од визуелниот уметник Харис Муриќ, во Битола започна 24. издание на фестивалот „Битола Отворен Град“ – културна манифестација што веќе четврт век го негува алтернативниот израз, младинскиот глас и културниот континуитет, далеку од трендови и шаблони.

На отворањето, пред медиумите говореа директорот на МКЦ Битола Сашо Додовски, извршниот директор Златко Талевски, како и самиот Муриќ, кој пред битолската публика се претставува со 52 постери – резултат на едногодишен креативен предизвик, со по едно дело секоја недела во 2024 година.

„Фестивалот не постои за да создаде тренд – туку за да не исчезне културниот континуитет,“ истакна Додовски. „Битола Отворен Град е упорна точка на културна автономија што не се прилагодува – туку создава.“

Талевски додаде: „Сè се менува – освен потребата младите да имаат сцена, простор, збор. Овој фестивал постои токму за нив. За оние што први пуштаат звук, што први излегуваат на сцена, што прават првиот чекор.“

Муриќ, кој потекнува од Гостивар, а дел од скопската креативна сцена е веќе една деценија, изложбата ја опиша како „визуелна поезија што дише различно секоја недела“. Делата, инспирирани од музика, фотографии, внатрешни борби и тишината на утрото, ќе бидат изложени во МКЦ Битола до крајот на фестивалот.

„AI може да биде алатка,“ додаде тој, „но не и идеја. Не и визија. А уште помалку личен печат.“

Програма за првите денови

Фестивалот и оваа година носи богата и автентична програма, што, како што велат организаторите, „не е по вкус на алгоритми, туку на луѓе“.

Четврток, 26 јуни

  • 11:00 – DJ работилница со Herzel (Porta Jazz)
  • 22:00 – Gnezdo FM Jam Orchestra – концерт кај х. Епинал, Широк Сокак

Петок, 27 јуни

  • 11:00 – Работилница за поезија со Марија Бошковска (МКЦ Битола)
  • 21:00 – DJ сетови со DJ Goce, DJ Chvare, Double G (пацио на НУ Музеј Битола)

Сабота, 28 јуни

  • 11:00–17:00 – Берза на винили со DJ Chiko (Кафе бар Јагода)
  • 21:00 – Концерт на млади бендови: Prekured, Tsar Von Time, Mamut (Скејт парк, Шеталиште Битола)

„Битола Отворен Град 2025“ не е викенд настан – туку културен импулс што трае. Настаните се бесплатни, достапни за сите, а фестивалот е поддржан од Општина Битола и бизнис заедницата на градот.

Фото: Фејсбук МКЦ-Битола

Слични Објави