Цените на храната растат! Можно враќање на мерките?

Доколку на крајот на месецов се потврди драстично зголемување на цените на прехранбените производи, Владата ќе воведе нови мерки што ќе важат до крајот на годината. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при настанот за поставување камен-темелник на училишна спортска сала во село Долно Лисиче.

„Немам информација дека постои зголемување на цените според бројките што ми ги претстави министерот пред два дена. Но, ако до крајот на месецов се утврди дека има поскапувања, автоматски ќе се активираат мерки кои ќе траат до крајот на годината“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека Владата нема да толерира обиди за заобиколување на регулативите, како што се, како што рече, „трикови преку прокси правни лица, кои под плаштот на маркетинг и ПР услуги, практично исплаќаат маржа на одредени маркети“.

Инспекциски служби веќе се на терен. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на 8 мај изјави дека Државниот пазарен инспекторат спроведува контроли со цел да се утврди дали постои девијантно однесување кај трговците, дистрибутерите или производителите. Доколку се констатира покачување на цените, ќе се воведат поригорозни мерки, меѓу кои и можноста за зголемување на дозволената маржа.

Мерките за ограничување на скалестите маржи истекоа на 30 април, а јавноста веќе изразува загриженост за можни нови ценовни шокови. Владата најавува дека будно ќе ја следи состојбата и ќе реагира соодветно.

Слични Објави