|

37,3 милиони денари за модернизација на Индустриската зона „Металец“ во Прилеп

Преку инвестиција од 37.345.582 денари со вклучен ДДВ, Општина Прилеп започна со инфраструктурно уредување на Индустриската зона „Металец“, проект што се финансира од општинската развојна програма и има за цел да ги подобри условите за работа на компаниите.

Во рамки на проектот, се врши реконструкција и доизградба на патната инфраструктура во должина од 973 метри, со ширина на коловозот од 7 метри. Предвидена е и изградба на тротоари од двете страни на улицата, со ширина од по 2 метри, што ќе овозможи поголема безбедност за пешаците.

Асфалтирањето се изведува во два слоја со вкупна дебелина од 13 сантиметри (9 + 4 см), со што се обезбедува долготрајно и квалитетно решение за сообраќајот во индустриската зона.

Покрај патната инфраструктура, на дел од трасата се работи и на реконструкција на подземната мрежа, како и поставување на ново улично осветлување, што дополнително ќе ја зголеми функционалноста и безбедноста во овој дел од градот.

Изведувач на градежните активности е прилепската компанија „Изофас“ ДОО.

Од Општина Прилеп информираат дека ваквите инвестиции се дел од пошироката стратегија за поддршка на локалниот економски развој, со што се создаваат подобри услови за привлекување нови инвестиции и развој на индустријата во регионот.

Слични Објави