„Бела ноќ“ по 13ти пат – повторно ги разубави летните вечери
Со двe магични вечери под отворено небо, „Широк Сокак“ и плоштадот „Магнолија“ блеснаа во белото, додека битолчани и гости уживаа во традиционалната манифестација „Бела ноќ“. Овој спектакл, кој оваа година се одржа по 13-ти пат во рамки на јубилејното издание на „Битфест“, уште еднаш докажа дека ги обединува генерациите преку музика, уметност и заедничка енергија
На платото пред Офицерскиот дом, од 19:00 часот, Битола го отвори фестивалот со богата програма за најмладите. Настапија градинката „Естреја Овадија Мара“, танцови перформанси од „Expose Studio“, театарски претстави („Едусфера“), анимирани ликови (Мики, Мина, Спајдермен, Куче), како и креативни работилници, детски и тинејџерски хорови („Ѕвончинја“, „Поп Рокет“), „Unlimited Coders Academy“, „Мими со југото“, „Дона & Friends“ и Центарот за германски јазик „Илиеви“. Организаторите истакнаа дека првата вечер беше полна со позитивна атмосфера и дека сакаат ова да прерасне во традиционален дел од манифестацијата.
Во саботата на концерти почна од 21:00 часот на плоштадот „Магнолија“, каде настапија: DJ Тања, поп-рок хор „Битвокс“, „Емоушн“ бенд, Никола Зацески, Тамара Стојковска, Бојана Скендеровски & бенд, Александра Јанева & бенд и Виктор Апостоловски.
Учесниците беа облечени во бело, што создаде уникатна визуелна симбиоза на улицата и сцената. Белата боја се претвори во симбол на празникот, на традицијата и на заедништвото меѓу Битолчани и нивните гости. Ова година „Бела ноќ“ беше интегриран дел од „Битфест“ – културната платформа која го збогатува културниот живот на градот. Настанот го доближува еклектичниот музички репертоар до поширока публика и создава простор за музичка уметност и локална култура под ѕвездите.



