| |

(видео) 500 деца на јубилеен Божикен ручек – Детска амбасада За сите деца на светот

По јубилеен 20-ти пат, во организација на Детската амбасада за сите деца во светот, ќе се одржи традиционалниот свечен Божикен ручек, на кој ќе присуствуваат околу 500 деца од целата држава. Настанот ќе се одржи во салата за свечености „Симфонија“ во Прилеп и е посветен на одбележувањето на Христовото раѓање, но и на промоција на мирот, еднаквоста и толеранцијата меѓу децата.

По повод новогодишните и божикните празници, од Детската амбасада упатија честитка до македонската јавност со желби за љубов, мир, здравје и благосостојба.

Во рамки на свечениот настан ќе биде доделено и најпрестижното признание за општествена одговорност – „Орден за носител на мирот“. Оваа година меѓународното признание ќе ѝ биде врачено на амбасадорката на сите деца во светот, Н.Е. Гордана Нацева.

На заедничката божикна трпеза ќе седнат деца од различни целни групи, како и истакнати членови на Детската амбасада, кои доаѓаат од Прилеп, Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Струмица, Охрид, Штип и од други градови и општини низ државата.

Организаторите посочуваат дека пораката и оваа година е во духот на мотото „Едно небо за сите деца“, што подразбира меѓусебно почитување, недискриминација, ненасилна комуникација и градење општество засновано на толеранција. Како што велат, децата се иднината, а нивната среќа е највисоката вредност.

Вредностите што се промовираат преку овој настан се еднаквоста, љубовта и мирот меѓу децата. Токму затоа, на Божикниот ручек заедно ќе присуствуваат и ќе се дружат деца од различни верски заедници – православна, исламска, католичка, еврејска и евангелско-методистичка.

Со благослов на Неговото Високо Преосвештенство, митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, ручекот ќе го благослови Неговото Преосвештенство, викарниот архиереј на Преспанско-пелагониската епархија, г. Никола. На сите деца ќе им бидат доделени пакетчиња за слатки божикни сеќавања, обезбедени со поддршка од Општина Прилеп.

За збогатување на свечената програма ќе се погрижат членовите на танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп, како и младата музичка надеж Димитар Иваноски, додека како специјален гостин ќе настапи македонската музичка ѕвезда Христијан Настески – Пајак.

Реализацијата на јубилејниот 20-ти Божикен ручек е овозможена со поддршка на Општина Прилеп, стопански субјекти и пријатели на децата и Детската амбасада за сите деца во светот.

Слични Објави