Италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери во прва работна посета на Битола
Новоименуваниот амбасадор на Италија во Северна Македонија, Н.Е. Паоло Палминтери, во петокот ја оствари својата прва официјална работна посета на општина Битола, каде што се сретна со градоначалникот Тони Коњановски.
На средбата се разговараше за низа теми од заеднички интерес, со акцент на проширување на соработката меѓу двете земји во повеќе области. Посебно внимание беше посветено на можностите за унапредување на културната размена, образовните програми и стипендирањето на студенти. Беше истакната и иницијативата за поголемо присуство на италијанскиот јазик во образовните институции во Битола.
Економската соработка, особено во контекст на заштитата на животната средина, зелената агенда, енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија, исто така беше дел од разговорите, со цел продлабочување на тековните и планирање на нови заеднички проекти.
Соработката меѓу Битола и Амбасадата на Италија се реализира и преку Конзуларниот кореспондент во Битола, г. Зоран Ристевски, со чија поддршка се унапредуваат и културните и економските врски.
Амбасадорот Палминтери ја истакна важноста на регионалните контакти и отвореноста на италијанската страна за натамошно зајакнување на релациите со локалните заедници во државата.



