Битола и Епинал од Франциј ги врзуваат 56 години пријателство
Делегација на Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, заедно со секретарот Борче Димитровски и почесниот конзул на Р. Франција Калиопа Кривашија Стилиновиќ, беа дел од прославата на патронот на збратимениот град Епинал – Св. Никола. За време на посетата делегацијата на Општина Битола имаше можност, заедно со делегациите на збратимените градови од Германија, Белгија и САД да проследи многу добро осмислена програма. Беа организирани посети на општински институции, старт-ап инкубатори и други структури каде се реализираат проекти иницирани од локалната власт. Размената на искуствата и добрите практики со оваа француска општина претставуваат одлична можност за обезбедување одржливо партнерство, но и примена на искуствата во некои сегменти од функционирањето на Општина Битола.
Во духот на веќе докажаната соработка се одвиваа официјалната и останатите бројни средби со градоначалникот на Епинал, г – дин Филип Нарден и дел од неговите најблиски соработници. Акцентот во разговорите се стави на две значајни теми за Општина Битола – цивилната заштита, односно опремувањето на новата зградата за противпожарна заштита која е во изградба како и урбаната мобилност, во којашто Епинал има исклучителни резултати на европско ниво. Исто така, не помалку значајни се и новите можности за културна размена помеѓу двата градови, како и размената на ученици која беше долги години традиција и која ќе се обнови веќе од идната година.
Битола и Епинал ги врзуваат 56 години пријателство. Тоа е најдолгото збратимување помеѓу македонски и француски град.