Ревизија: Општините не наплатиле речиси 3 милијарди денари локални даноци и такси за пет години
Општините во земјава во периодот од 2020 до 2024 година не наплатиле речиси 3 милијарди денари по основ на локални даноци, такси и надоместоци, покажува ревизијата на успешност што ја објави Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Според ревизорскиот извештај, ненаплатените побарувања достигнале 2,934 милијарди денари, односно околу 47,8 милиони евра, додека во истиот период биле отпишани побарувања во вредност од 233,9 милиони денари.
Ревизорите оценуваат дека мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци не се доволно ефикасни за да обезбедат навремена и целосна наплата на приходите. Како главни причини се наведуваат недоречената законска регулатива, застарените методологии за проценка на имотот, неажурираните регистри, недостигот од кадар и слабата координација меѓу институциите.
Особено загрижувачки е податокот дека 67 проценти од ненаплатениот данок на имот, односно повеќе од 1,16 милијарди денари, се побарувања постари од пет години, што, според ДЗР, укажува на слаб фискален напор на општините во наплатата на долговите.
Во извештајот се посочува дека постојната правна рамка не овозможува ефикасно ажурирање на регистрите на недвижности, а методологијата за утврдување на вредноста на објектите е застарена и не ја следи реалната пазарна вредност. Поради тоа, даночната основа е потценета, а општините инкасираат помалку приходи отколку што би можеле.
Во однос на фискалниот капацитет на општините, Општина Прилеп е вброена во групата на општини со среден фискален капацитет, односно меѓу општините кај кои сопствените приходи учествуваат со 45 до 60 проценти во вкупните приходи. Во извештајот не се наведени посебни податоци за висината на ненаплатените побарувања или наплатата на локалните даноци конкретно за Општина Прилеп.
Ревизорите утврдиле и сериозни слабости во административните капацитети на локалните самоуправи. Во многу општини не се пополнети работните места во даночните одделенија, недостигаат овластени проценители, а постојните софтверски системи не овозможуваат прецизно следење на наплатата на побарувањата.
Дополнително, само три од вкупно осум комунални такси се администрираат и наплатуваат во повеќе од половина од општините, додека останатите се применуваат во помалку од една четвртина од локалните самоуправи.
Ревизијата покажува дека руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево, имаат значително послаб фискален капацитет во споредба со урбаните средини.
Како дополнителен проблем се наведува и слабиот инспекциски надзор. Во сите општини има само 16 даночни инспектори, а Управата за јавни приходи располага со само еден инспектор за оваа област, при што тие немаат надлежност да изрекуваат глоби.
Државниот завод за ревизија препорачува законски измени, модернизација на системите за евиденција и наплата, подобрување на координацијата меѓу институциите и зајакнување на кадровските капацитети, со цел општините поефикасно да ги собираат сопствените приходи и да обезбедат поголема финансиска стабилност.
Целиот извештај ТУКА


