|

Нов затворен базен до крајот на летото во Битола

Битолчани наскоро ќе добијат нов затворен базен, кој ќе биде ставен во функција до крајот на летото, најавија градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и министерот за спорт, Борко Ристовски.

При посета на локацијата каде што се гради базенот, министерот Ристовски истакна дека подготовките се веќе во завршна фаза и дека градежните работи ќе продолжат со засилено темпо од следната недела.

„Во договор со Општината, решивме таа да го преземе надзорот над изградбата. Со тоа, од наредната недела ќе се забрза работата и ќе се надмине застојот од изминатите години. Најважно е што со заеднички напори успеавме да обезбедиме доволно поддршка и средства за довршување на базените кои беа започнати, а сè уште не се завршени“, изјави министерот Ристовски.

Според информациите, базенот е наменет за детска популација и ќе се користи за обука, едукација, пливачки и спасувачки школи, но ќе биде достапен и за граѓаните. По завршувањето на изградбата, објектот ќе премине под сопственост на Општина Битола, а најголема корист од него ќе имаат учениците од училиштето „Даме Груев“, во чии рамки се гради базенот.

Слични Објави