Избори, задолжувања и професионалците во економијата

            Главна мантра на партиите во предизборието е развојот, кој кај нас е вулгарна сума на непроценети желби и трикови за ловење гласови. А сите се неуки, нели? Како не ќе бидат, кога ниту еден економски експерт не ги проценил тоа предизборните понуди и тоа јавно го кажал. Едвај нешто се објави од експертите со Чебрен, Митилинеос, фотоволтаиците, марихуаната… и тоа повеќе како новинарски написи, а помалку како економска наука. Имаше дебати од експерти, но јасно беше одма „какво седиште – такво гледиште“. Марихуаната нè отече и тоа на секое ниво: те лажеле, те краделе, те ќе сме станеле нација на дрогаши, те инвестициите се на Заев, те на Анѓушев, те зад сето стои фармацијата, те Бугарската мафија, те… Притоа никој не излезе и не кажа јавно дека е тоа приказна за мали дечиња, затоа што немаме компании со систем на светски прифатена добра производна практика, па можеме да работиме со марихуаната само „како со храна“ (по тој закон). Кутри наши бизнисмени прочитаа само бодликава жица со „бринов елемент“, огради и камери, а друго ништо не сфатија. Експерти, кои ќе излезат и кажат – ниту за лек.

            Но, да го оставиме тоа и да се запрашаме: Како ние обичните граѓани да знаеме дали имаме понуди или „јадици“ на политичките партии? Како ние обичните да знаеме дали некои потези на Владата биле економски оправдани или биле магла, за да се сокрие криминалот и пљачката? Како? Остана ли некој кому веруваме? Остави ли некој економски експерт доволно впечаток, неисмеана експертиза или доказ дека одолеал и ја треснал вистината во лице и „кога беше вемерето“ и сега „во есдеесот“?

            Ех, да имавме економски факултети, па да се јавеше некој професор, па да кажеше нешто за понудите на партиите од гледна точка на економската наука, па да ги поврзеше со општите трендови во економијата во светот и што другите локални самоуправи во светот прават, ма на коњ ќе бевме.

Молам? Имаме? Имаме и ние економски факултет? Боже мили, или јас не знам каде живеам или тоа факултетот не заслужил да го знаеш. А можеби има и трето нешто: Ајде повели, па јави се со експертиза по некое политичко прашање, ако смееш. Дали сѝ професор, дали академик, дали со сите научни звања, ем треба да знаеш, ем да имаш храброст и чесност и како јавна личност и како научник, ем да „те сака камерата“. Значи, имало и четврто, а имало и петто – кое од кое потешко.

Затоа, овде ќе продолжам со една тешка тема, која граѓанинот  кој гласа треба да ја знае, па и вака напишана од недугав пишувач, ама барем малку ќе има ред во пишаното. Тоа е задолжувањето на општините и дали кај нас општините треба да се задолжуваат, за што и кој и како тоа може да го процени. Значи, говориме за многуславените „капитални проекти“, кои мајче нѝ расплакаа и буџетите нѝ ги преселија во џебовите на хохштаплерите. Затоа, да проговориме како треба да се тера оваа работа – малку теориски, но сосема приземно и многу потребно.

Капиталните проекти се единствен начин за забрзан развој на општините, а целиот „занает“ на задолжување се нарекува „должничко финансирање и управување со капитални проекти“. Овие проекти „штедат време“ за општините да се развијат.

Тука завршува убавиот дел и започнува тешкиот. Како до заеми? Дали е паметно да се задолжуваме? Дали ќе се случи да ги украдат парите, а ништо корисно да изградат? Во земји, каде сме виделе повеќе криминал отколку шипки вградено железо, отпорот кон задолжувањето на општините е голем. Отпорот на централните власти кон задолжувањето на општините е час негативен, час позитивен и често зависи дали е централната и локалната власт од иста партија, но и од други фактори.

Ако тоа го „исфрлиме од математиките“, потребни се низа чекори, за една општина да се припреми за задолжување, како на ниво на јавност, така и на ниво на внатрешна организација и законски подготовки.

Основна алатка, која треба „да ги опули“ општините за задолжувањето и да ги натера на „самопроценка“, е стратегијата за управување со долгови и/или донесена политика за долг. Тука се дефинира општинската фискална рамка (приходи од даноци, владини трансвери), општата структура на приходи и расходи, но и сметководствениот и системот на известување, па се гледа колку е општината способна да се задолжува. Секако, тоа се пропушта и низ законската рамка (ограничувања за задолжување) за локалните јавни долгови и максималните прагови за задолженост. Не треба да се мешаат краткорочните заеми (земени за да купиш малку време, додека не ти стаса трансферот) со долгорочните за капиталните проекти. Во Стратегијата за задолжување треба да се дефинираат најдобрите можни алатки за задолжување, а тоа се заемите од финансиските институции и обврзниците, што зависи од самата општина. Заемите се подобри за помали и средни општини, но цената на долгот е помала со обврзници, но само за поголеми проекти и општини.

Понекогаш и помалите општини, ако имаат докажано добро раководство и силен степен на соработка со бизнисите, можат да го користат овој инструмент. Тогаш општините можат директно да ги „продадат“ обврзниците, а ако им е менаџментот послаб, добро е да се оди преку професионалци (брокерски куќи). Во секој случај, општината треба да покаже дека е кредитно способна (способност да сѝ плаќа), а тоа се докажува со моментната финансиска состојба, моментна состојба на економијата, со приказ на очекуван раст, со проценето политичко опкружување и со проценка на макроекономијата на државата, проценка на идните макроекономски  насоки и местото на општината во тие насоки (на пример, ако имаме руди во една општина, макроекономската насока кон рударство е добар фактор, или ако имаме војна која не е во непосредна близина, а имаме адекватни руди, изградбата на патна и железничка мрежа е добра насока).

Ова секако ќе го проценуваат финансиерите, но не е лошо да знаат дека и ние знаеме. Уште е подобро да се направат анализи на можностите, но тие да не бидат пусти желби, туку кост – бенефит размислувања. Сето ова нема да биде можно ако општините „се лажат сами – себе“, односно нема точни финансиски информации, што е чест случај кога нема отчетност и транспарентност, а планирањето се прави со препишување, а не со употреба на талентирани аналитичари, банкари и финансиери и бизнис секторот. Ова се нарекува „усогласени формати за јавно финансиско известување„ и тие содржат и годишни и административни извештаи, сите биланси (за состојба, успех) и паричен тек и извештаи на независни ревизии, кои мораат да бидат и почести. Ако се сите тие ОК, општините можат да конкурираат и за добивање кредитен рејтинг од надворешна независна агенција. Со тоа и самите ќе видат како инвестоторот размислува за кредитните ризици на една општина и како тоа делува на висината на каматата (поголем ризик – повисока камата). Секако, консултациите со инвеститорите и кредиторите се многу важни при изборот.

Кај таквата самопроценка, треба да знаеме каков ни е капацитетот за управување со проекти (искуство, тим, спроведени проекти, дали има поуки од минатите проекти), дали имаме добар систем за транспарентност и отчетност (за да не се случи проектот да биде „финансиски пробиен“ или да касни заради тенденциозна попустливост на општината или заради закаснети и неточни извештаи), правно дефинирање на сите постапки, како управуваме со долговите, дали имаме и каква е стратегијата за управување со капиталните инвестиции и што можеме, ако се јават проблеми при спроведувањето на проектот, дали и како можеме да имаме финансиска и политичка флексибилност (на пр. да обезбедиме итни средства до усвојување на извештајот и сл). Тука општината мора да размисли и околу својот капацитет за спроведување законска, реална и добра тендерска постапка за избор од кого ќе се задолжат, со пропишани и јасни критериуми.

Добро е да се размисли кој вид обврзница ќе се печати, далил „обврзувачката обврзница“ (која е поддржана од даночните приходи), која е најдобра за јавни паркови, згради, отворени простори, јавна безбедност, улици, мостови; или има можност и за „приходни обврзници“ кои генерираат заработка од самиот финансиран проект (инсталации и бизниси во сопственост на општината од кои се наплаќа, како што се плажи, хотели, вода и одвод, спортски објекти и центри, геотермални води, аеродроми, услуги за струја, пат со наплата…). Самиот проект треба да биде убаво претставен и графички и текстуално и буџетски за на тендерот за понудувачите тие да понудат најдобар пристап.

Ете, токму на овие ставки нашите општини „паѓаат“, затоа што не развиваат ниту отчетност, ниту транспарентност, ниту обучуваат врвен кадар, кој може „да носи“ развој, финансии, управување со проекти, стратешко планирање и сл. Токму на овие ставки паѓаат и граѓаните, кои не го ценат трудот за самоедукација, доживотно учење, вложување во кадри, во процедури за отчетност и транспарентност и РАСТЕЊЕ НА ОПШТИНАТА, кое може да се случи само преку кадри и никако поинаку. Градбите не значат ништо, ако нема кој да ги управува како што треба. Тоа граѓаните не го знаат, а гледам дека ниту факултетите, на кои им е работа да знаат – не знаат, а и да знаат – не објавуваат и не се борат за тоа! Тука е нашата катастрофа, која ние не ја гледаме, затоа што не сакаме да бидеме граѓани, туку партиски шрафови и поданици. Здрав кадар не слуша партија, туку закон. Здрав кадар бара да се воведе систем и закон. Здрав кадар бара кариера и не се витка пред градоначалници и партиски моќници. Здрав кадар не прифаќа да пусти милион, за да украде стотка. Здрав кадар вели: „ако не ти даваат одозгора, задолжи се паметно и ќе купиш и време и развој“.

Затоа одиме “надвор“ и се занимаваме со пазарите на капитал (банки, финансиски институции, општински и/или државни развојни фондови и други државни институции, кои финансираат специфични развојни проекти), достапните можности за грантови за истите проекти, односно следи истражување дали постојат такви институции за финансирање и модели за финансирање и барање на инвеститор (зајмодавач), зависно од моделот на должење кој го сакаме (избравме), кредибилитетот на тој финансиски пазар и сл. При тоа не се гледа само на заемот, туку и на цената на заемот (камата и трошоци, надоместоци), отплатата на траншите,  доспеаноста, грејс периодот, рефинансирањето, преструктуирање на заемот, но мудро е да се има можност и од директно инвестирање од страна на општината (да се откаже од некои трошоци и да ги намени за тоа) и од дополнително позајмување. 

Дури и да се работи за капитални проекти (долгорочни), општините треба да ги запознаат и краткорочните финансиски инструменти (кредитни линии) за „работен капитал“ за финансирање на моментните каснења и фалинки (потфрлања) во приходите, за „кредити за премостување“ (bridge loans) во преодните периоди до добивањето на долгорочниот заем и затоа задолжувањето оди во „финансиски пакет“, кој треба да вклучи и случај на преструктуирање на заемот.

            Погодувате, за ова треба здрав кадар, кој сака кариера и систем на кариера, правила, независност, јавен статус.

            Од тие причини, граѓаните треба да ценат визија за општината, макар и со задолжување, која е поддржана од здрави кадри. Од истите причини, наградете ги плановите и ветувањата за внатрешна општинска едукација, создавање стручни кадри, давање стипендии за она што нам нѝ треба. Наградете ги со глас тие што ветуваат дека ќе работат со УКЛО, со институти, дека ќе бараат подобра едукација, програми за подобри наставници и професори, нивна поголема транспарентност, систем на алумни, општинско планирање со инволвирање на врвни експерти паталци, а не гаталци. Само знаењето може да нè извади, а тоа не расте на гранка или во шашардисаните партиски понуди.

            Ете толку од мене, затоа што на срце ми лежат општините и како да се развијат со (долгогодишно, редовно и неизоставно) непрокопсана централна власт, иако истото важи и за државата и нејзиното задолжување и дај Боже, уште повеќе од тоа професориштата и академиците, кои треба да ги „удрат од земја“ партиите, или пак партиите треба да ги прашаат пред да тропаат глупости во тоа нивните (ѓоа) стратегии за развој и баењето „да ти градам – да те лажам“.

Слични Објави