| | |

Крушево со нови инвестиции во спортскиот туризам

Крушево бележи значителен развој во спортскиот туризам со низа нови проекти кои имаат за цел да ја зголемат туристичката понуда и да привлечат поголем број посетители. Урбанистичките планови во овој дел на градот предвидуваат изградба на нова инфраструктура која ќе овозможи подобри услови за рекреативци, спортисти и љубители на алтернативните спортови.

„Урбанистичките проекти ќе се зголемуваат таму, дополнително ќе се развива тој дел на градот и луѓето ќе видат дека не само од Крушево, туку и од цела држава туристи, аматери, спортисти и спортски клубови ќе бидат насочени кон скијачкиот центар“, изјави градоначалникот Томе Христоски. Еден од главните проекти е изградбата на нови велосипедски патеки, меѓу кои и down hill патеките под жичарата со должина од 3 километри, како и дополнителни 40 километри обележани велосипедски патеки околу Крушево. Покрај тоа, минатата година беше реконструиран патот до Мечкин Камен и стартот за параглајдинг, а оваа година се очекува изградба на втор стартен пункт на локалитетот Црн Врв.

Параглајдингот, како еден од најпознатите спортови во Крушево, исто така добива нови подобрувања. Со цел подобро организирање на натпреварите и зголемување на безбедноста, ќе биде отворено и ново алтернативно полетиште, кое ќе ги растерети постојните капацитети.

„Покрај нормалното и безбедно одвивање на националните натпревари кои се одвиваат на постојното полетиште, ќе имаме и за аматерите, односно тие што сакаат да летаат аматерски од другата страна“, истакна Христоски. Дополнително, Општина Крушево најави изградба на нов асфалтен пат до скијачките терени, кој ќе поврзе два правци – од чешмата на АРМ и од регионалниот пат за Демир Хисар. Овој проект, финансиран со унгарски кредит, ќе овозможи поголема посетеност, како и нови сместувачки капацитети.

Со ваквите инвестиции, Крушево се позиционира како центар за алтернативни спортови, нудејќи разновидни активности за туристите, од скијање и велосипедизам до параглајдинг и планинарење. Годинава, како и лани, се очекува да се одржат неколку меѓународни натпревари во параглајдинг, што дополнително ќе ја зацврсти репутацијата на Крушево како една од најдобрите спортски дестинации во регионот.

Фото – Википедија

Слични Објави