| | |

Што треба да знаеме за локалните инспектори!!

Покрај комунални, градежни инспектори, инспектори за животна средина („покриваат случаи и пријави за бучава, ѓубре, квалитет на воздух…), инспектори за патен сообраќај, за даноци и наплата на комунални такси, општините можат да имаат: просветен инспектор, инспектор за домување, инспектор за туристичка дејност, а општините сами решаваат дали ќе имаат и „поинакви инспектори“!

Еве некои податоци за да знаеме што се тоа локални инспекции и инспектори, што можеме и не можеме, и нормално што прават тие и до каде им се надлежностите. Се разбира, тука е и општината, која исто така има обврски околу инспекциите, но и обврски за информирање за работата на инспекторите.

– На општинската страница мора да ги има сите податоци за инспекциските служби, кои мора да бидат лесно достапни, видливи и пребарливи. Инспекцискиот надзор е јавен и никој нема право да го крие.

– Преземените инспекциски мерки мора редовно да се објавуваат на општинските веб страници, затоа што се тие информации од јавен интерес за граѓаните (законот така вели).

– Инспекторот, кога врши контрола има (најмногу) превентивна функција, а ако превентивната мерка не е доволна, тогаш тој преминува на инспекциски мерки (казни, наредби за рушење, отстранување опрема и сл)

– Ако неправилностите се опасни или мошне штетни за „јавниот интерес“, се изрекуваат поригорозни мерки, а не само опомена, со рок за отстранување на неправилностите;       

  • Пријавата („Иницијатива за инспекциски надзор“) содржи:
  • име на инспекциската служба, каде доставувате,
  • подносител на иницијативата со адреса, име и презиме на подносителот,
  • краток опис на проблемот, податоци за субјектот – за кој се бара надзор (кого пријавувате).

Инспекторот мора да постапи на лице – место, најдоцна во рок од 10 работни дена.

– При надзорот може да биде присутна и полиција (по барање на инспекторот) и тогаш полицијата учествува во таквиот надзор. Инспекторот задолжително се легитимира и соопштува заради што дошол.

– Тој што го надзираат, односно „му прават инспекција“ (субјект на надзорот) мора да соработува и да овозможи пристап, документи и сл. Тука нема „ама“!

– Инспекторот мора да чува деловни тајни на вашите лични податоци, што значи дека подлежи на санкции, ако до тоа не се придржува;

– Ако сте сигурни дека некоја градба е незаконска (се гради „на диво“) имате право да пријавите и да барате „иснпекција“ (инспекциски надзор му е целото име на постапката) до инспекторот за градежништво. Тој може (а и мора според закон) да врши надзор секаде – во секое време и тоа на лице – место!

  • Ако се работи за загадување на воздухот или друг проблем со средината, екологијата и сл. (некој пали сено, отпад, вози мотор – кој „пишти до небо“ и сл), се пријавува кај инспектор за животна средина. Каков проблем – таков инспекторат.

Ако не знаете кому да пријавите, прашајте во општина и тие се должни да ве упатат!!!

Пријавувањето престап не е „кодошлак“, туку јавна едукација за прекршителите, за од дивјаци да станат граѓани;

– Инспекторите одговараат пред градоначалникот, а со тоа, инспекторот може да има притисок и од партијата – на која градоначалникот припаѓа (така, може да има ризик од корупција, влијание врз него, дали да казни без причина, дали „да замиже“ и сл). Тоа нека не ве обесхрабрува.

– Инспекторите знаат да се „кријат“ во лавиринтот од закони, ДУП – ови, ГУП – ови, нивна неусогласеност, недонесен „нов“ урбанистички план или пак го користат судирот на законите, кои имаат сосема спротивставени одредби и тоа е поголема опасност за граѓанинот од самиот факт дека градоначалникот му е шеф на инспекторите.

И ова нека не ве обесхрабрува, макар што е многу потешко од првото.

Слични Објави