„Малата сирена“ се враќа во Прилеп
Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп на 12 септември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, премиерно ја изведува хит претставата за деца и млади „Малата сирена“ во големата сала на Н.У. Центарот за култура „Марко Цепенков“.
“Најголемиот предизвик во подготовките и адаптацијата на цртаниот филм Малата сирена од Дизни за сценска изведба не е само технички, но и комичен пред се во намерата да се најде начин да се репродуцира извонредниот магичен вокален лик на ракот Себастјан во изведба на Семјуел Врајт, а воедно и збогатувањето на македонскиот фонд на адаптирани дела од светската драматургија надополнети со македонски сонгови кои дополнително го збогатуваат овој вид на музичко-сценско дело”.
Љубовната приказна помеѓу Ариел и Ерик е проткаена со безброј случки, емоции и убави певливи сонгови на македонски јазик, од вообичаената Дизниева практика, убави разиграни кореографии и мизасценски решенија, колоритни костими, кои се уредно спакувани пополнувајќи ги сите делчиња во една детска магична сложувалка.
Преводот на текстот е на Благојче Николоски, драматизацијата и адаптацијата на македонски е на Кире Миладиноски, режија, костимографија, сценографија, кореографија, кукли и сонговите на Кире Миладиноски, музика Алан Менкен и Томе Темелкоски, дизајн на рекламен материјал Саша Нацевски, светло мајстор Бобан Смилкоски, играат: Бисера Гаралоска, Матеја Грујоска, Марта Шаркоска, Петар Јошески, Матеа Стојчевска, Антониј Кузманоски, Калина Стојаноска, Јована Стојаноска и Орданчо Перески.
Оваа продукција е потпомогната од Министерството за култура на Република Македонија-национална програма во 2018 и Локалната самоуправа на Општина Прилеп, а како копродуцент партнер е Н.У.Ц.К. Марко Цепенков од Прилеп што воедно е матична сцена каде работи танц студиото Зодијак.



