Објавен јавниот повик за студентски ваучери во вредност од 15.300 денари за набавка на ИТ-опрема
Владата на Република Македонија го објави јавниот повик за доделување ваучери во износ од 15.300 денари на студентите од прв циклус студии, наменети за набавка на електронски уреди како лаптопи, таблети, персонални или All-in-One компјутери, со цел подобрување на дигиталната подготвеност и поддршка на студентите при извршување на академските обврски.
Според условите наведени во јавниот повик, право да аплицираат имаат сите студенти на прв циклус студии, државјани на Република Македонија, запишани во учебната 2025/2026 година на државни или приватни високообразовни установи во земјата, без разлика дали студираат редовно или вонредно. Дополнителен услов е апликантите да не бидат постари од 29 години на денот на објавување на повикот.
Апликациите ќе се поднесуваат електронски преку националниот сервисен портал uslugi.gov.mk, а крајниот рок за аплицирање е 20 декември 2025 година или до исцрпување на предвидената квота. Вкупно ќе бидат доделени 55.000 ваучери.
Со оваа мерка се очекува да се олесни пристапот до современа информатичка технологија, што ќе им овозможи на студентите поквалитетно извршување на студиските активности, онлајн комуникација, истражувачка работа и вклучување во дигитални едукативни процеси.



