Вода како основно право – Редовното плаќање на сметки клуч за стабилно водоснабдување во Долнени
Подолг период во долненска општина се провлекува проблемот со немање вода, кој создава големи проблеми кај локалното население. Во 21 век остануваат домаќинствата, амбулантите, училилишта без вода… Овај напис е со цел да се апелира кај сите страни: општината, комуналното претпријатие а секако и кај жителите, се со цел да не се случува ова повторно во новата 2025 година.
ОТВ подолг период ја следи ситуацијата со водоснабдувањето, и разговара со граѓаните, сегашни и бивши вработени во ЈКП Долнени и општина Долнени, па накратко ќе споменеме дел од проблемите, од каде потекнуваат и на крај, дали ќе бидат сфатени проблемите, за еднаш да прекине тој „волшебен круг“, наречен немање вода.
Во некои села во Долнени, проблемите со водоснабдувањето се повторуваат веќе подолг период, најмногу поради неплаќањето на сметки од страна на граѓаните. Ова ја нарушува стабилноста на системот за снабдување со вода и создава сериозни потешкотии во обезбедувањето на овој основен ресурс. И додека во некои случаи граѓаните имаат пари за скапи мобилни телефони и други луксузни работи, често забораваат на своите обврски кон комуналните услуги, како што е плаќањето на водата.
Од друга страна, комуналното претпријатие и општината треба да преземат активни мерки за решавање на оваа ситуација. Со редовна наплата на сметките и засилена контрола, тие треба да осигураат дека граѓаните се информирани за своите обврски и за важноста на плаќањето на водата. Освен тоа, општината треба да се грижи за редовното одржување на инфраструктурата и да работи на намалување на долговите на комуналните претпријатија, што ќе го подобри квалитетот на услугите и обезбеди стабилност на водоснабдувањето.
Ситуацијата со неплаќање на водата не треба да продолжи, без разлика на политичките фактори или партиските интереси. Водата е основно човеково право и секој граѓанин има обврска да ја плаќа. Не треба да се дозволи партиски бодрења на граѓаните да не плаќаат, или злоупотреба на овој ресурс за политички цели, бидејќи тоа само го влошува проблемот и ги загрозува основните потреби на заедницата.
Сите ние треба да бидеме одговорни и да ја разбереме важноста на нашите обврски. Граѓаните треба редовно да ги плаќаат сметките за вода, бидејќи тоа е основа за функционирање на водоснабдителниот систем. Само со соодветна одговорност и посветеност од страна на сите, ќе можеме да осигуриме стабилно и континуирано снабдување со вода, како и подобри услови за живот во нашите општини.