Од денеска сметките за струја повисоки: Колку ќе плаќате повеќе?

Од денеска, сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе бидат повисоки за 0.4%. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, објави дека цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јули во првиот блок останува иста, додека во вториот блок ќе има зголемување од 0.85%, во третиот блок од 1.92%, и во четвртиот блок од 1.88%. Евтината струја ќе поскапи за 0.65%.

Бислимоски изјави дека за 88% од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок, трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0.4%. За 8% од домаќинствата кои имаат потрошувачка во третиот блок, сметките ќе се зголемат за 0.48%, а за 4% од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачка во четвртиот блок, трошокот ќе се зголеми за 0.57%. Овие цени на електричната енергија ќе важат до крајот на годината.

Новата цена на електричната енергија, која стапува на сила од денеска, е прифатена од универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, со цена од АД ЕСМ од 60 евра за мегават-час за покривање на 85% од потребите. За останатите 15%, пристигнаа три понуди, но ниту една не беше прифатена поради повисоките цени од пазарните.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не се очекува значително зголемување на цената на електричната енергија, бидејќи се исполнети двата услова – донесени се дополнувањата на Законот за енергетика и универзалниот снабдувач ги оптимизирал количините за да не дојде до енормно зголемување на цената.

Деновиве во парламентот беа усвоени дополнувањата на Законот за енергетика, со кои се обезбедува сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

Извор: Deutsche Welle на македонски јазик.

Слични Објави